Нема да има план Б за Македонија, Бугарија си изгласа и резолуција за тоа

Планот Б за европскиот пат на Македонија станува речиси невозможен, а за тоа се потрудија бугарските пратеници кои вчера едногласно изгласаа резолуција во врска со напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската унија (ЕУ).

Истата беше подржана со 194 гласа „за“, а ја поднесоа Тошко Јорданов од Има таков народ и група пратеници.

Во истата меѓудругото се наведува дека земјата останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги прифатиле, а се нагласува и дека се неприфатливи какви било обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од веќе постигнатите договори.

Се потенцира и дека станува за европски консензус, а не за билатерално прашање, а се повикуваат и институциите на ЕУ да продолжат со напорите за гарантирање на правата на Бугарите во Македонија, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство, јазик, сеќавање на предците и идентитет, и да усвојат инклузивен пристап кон чувствителните прашања на националниот идентитет во мултиетничкото општество на Македонија.

Во резолуцијата се повикуваат и меѓународните организации строго да го следат спроведувањето на највисоките стандарди во областа на заштитата на човековите права во Македонија, да реагираат и да преземат соодветни мерки во случаи на насилство, дискриминација, говор на омраза, институционален притисок или други форми на репресија против Бугарите или претставници на други заедници во Македонија.

Во истата стои и дека бугарското Националното собрание очекува, во спроведување на европскиот консензус од 2022 година, Македонија да развие и презентира Акциски план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници, кој ќе го придружува Патоказот за владеење на правото.

Овој план, чија имплементација ќе се следи во текот на целиот процес на пристапување на Македонија во ЕУ, треба да содржи јасни, мерливи и ефикасни мерки за заштита на човековите права на ранливите групи во општеството на Македонија, стои меѓудругото во резолуцијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски чека да види Македонец во бугарскиот Комитет за малцинства

И бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, вчера изјави дека за Македонија нема план Б, а патот кон ЕУ е возможен само преку исполнувањето на одредбите од преговарачката рамка.

„Не само во последните денови, туку генерално, политиката на Бугарија во врска со европската интеграција на Западен Балкан, а особено на нашиот сосед РСМ, е целосно стабилна и цврста“, рече тој, уверувајќи дека Бугарија ќе продолжи да се придржува до договорот од 2022 година и нема да отстапи ниту еден сантиметар од него.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонците ги нема, а кои малцинства ги има во бугарскиот владин Совет

Што бараат бугарските и грчките европратеници да биде вметнато во извештајот на ЕП за Македонија

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести