Во величествената сала на хотел Москва во Белград, на финалето на Top Model Europe Balkans 2025, блесна нешто повеќе од мода — блесна духот на една млада уметница чие творештво продолжува да живее и по неа. Колекцијата „Maximal Milliliters“ на Фросина Кулакова (2002–2025) ја оживеа суштината на нејзиниот непокорен креативен свет — свет полн со боја, движење и храброст да се биде поинаков.
„Фросина беше срцето на нашето семејство. Секогаш полна со идеи, со смеа и со енергија што не осветлуваше сите нас околу неа. Сè што правеше, го правеше со толку многу љубов и ентузијазам. Кога ја гледам нејзината колекција на пистата, не гледам само кроеви и ткаенини – ја гледам неа: насмеана, храбра, своја.
Гледам колку многу живот имаше во нејзините идеи и колку љубов има вложено во секое парче. Нашето семејство ја реализираше оваа колекција не само за да го зачуваме нејзиното наследство, туку и за да покажеме дека уметноста навистина не умира. Фросина остави зад себе свет исполнет со боја и ние ќе продолжиме да ги споделуваме со светот нејзините бои и понатаму,“ изјави нејзината сестра, Росица Кулакова.
„Maximal Milliliters“- каде модата се мери во изобилство
Фросина ја дефинираше својата колекција како „мерка на модата во изобилни, преполни количини“- спој на максимализам и милилитри прецизност. Во нејзините зборови, максимализмот е уметноста на „повеќе е повеќе“, каде секој слој, секоја боја и секој облик зборуваат со енергија и живот.
Колекцијата игра со геометриски форми, бранови, капки боја и визуелна симетрија, создавајќи дијалог помеѓу хаос и хармонија. Делата „250ml of Liquid Dreams”, „250ml of Vivid Illusions” и „250ml of Vibrant Geometry” (слики со името на дизајнот) носат јасен потпис на млад автор кој размислува храбро, концептуално и со радост што извира од секоја линија.
Зелената, магентата, сината, црната и белата се преплетуваат во еден визуелен јазик кој предизвикува, освежува и радосно изненадува будејќи надеж и оптимизам.
Модата како приказна, не како украс
Секоја нејзина креација е како мини-наратив. Во палтото со широки, скулптурални ракави, брановите зборуваат за движење, додека триаголниците за сила и структура. Во кусите топови и контрастните кроеви има младешка провокација, уметничка храброст и интелектуална игра со формата. А последниот изглед, симболичниот фустан со усни, остана како незаборавен белег на нејзиниот стил: смел, игрив и со порака.
Наследство на боја, храброст и љубов
Публиката во Белград ја пречека колекцијата со восхит и длабоко почитување. Моделите кои ги носеа нејзините дела, со гордост споделија дека била чест да го претстават трудот на „талентираната Фросина Кулакова“, опишувајќи ја нејзината фамилија како „неверојатно посветена и топла кон сите учесници“.
Овој настап не беше само моден чин, туку акт на љубов, уметност и сеќавање. Колекцијата на Фросина сега живее како сведоштво за младата генерација креативци – дека уметноста има моќ да ги надмине сите граници, па дури и времето.
Родена во 2002 година, Фросина беше студент на Институтот „Изет Цури”, во својата последна година од студии по моден дизајн. Нејзината визија, која беше и тема на дипломскиот проект, постхумно оживеа на оваа престижна ревија, благодарение на нејзиното семејство, кое со огромна љубов и посветеност ја реализираше нејзината последна модна приказна.











ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Тројца Македонци победија на финалето на Top Model Europe Balkans
Фото: Јелена Јездимировиќ













