Приказни за луѓе кои ги штитат реките, садат дрвја, рециклираат отпад и поттикнуваат промени оживеаја низ објективите на граѓаните на фото изложбата „Најзелени примери од Западен Балкан“, која денеска беше официјално отворена во Скопје.
Изложбата е дел од Скопје Дизајн Недела, што се одржува во Public Room – регионален настан кој ја слави креативноста, иновациите и одржливоста, и кој е дел од NextGen Design мрежата, европска платформа што ги поврзува фестивалите на дизајн посветени на одржливи решенија.
Настанот го организира проектот EU4Green, кој ја поддржува имплементацијата на Зелената агенда за Западен Балкан преку различни столбови како што се намалување на загадувањето на воздухот, водата и почвата, управувањето со отпад и биодиверзитетот. Изложбата, исто така, ја истакнува важноста на локалното учество во унапредувањето на зелената транзиција на регионот.
Изложбата претставува 15 победнички фото-приказни, избрани од 138 пристигнати апликации од сите шест економии на Западен Балкан – Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Секоја фотографија раскажува автентична приказна за луѓе, предизвици и иницијативи што придонесуваат за позелен и поодржлив Балкан.
Меѓу најдобрите приказни се и делата на Бојана Алексиевска и Благој Трајков од Македонија. Фото-приказната на Алексиевска ја доловува природната убавина и автентичниот дух на регионот Мариово и селото Зовиќ, додека серијата на Трајков го истакнува богатството на биодиверзитетот во општина Демир Капија и значењето на зачувувањето на природата на локално ниво.

Изложбата официјално ја отвори австрискиот амбасадор Мартин Памер, кој ја нагласи важноста на граѓанската вклученост и прекуграничната соработка:
„Секоја од овие 15 фото-серии ни зборува за храброста, креативноста и одговорноста на граѓаните низ Западен Балкан. Заедно, тие ни ја покажуваат убавината на регионот и нè потсетуваат дека позитивните промени најчесто почнуваат од луѓето кои доволно се грижат и дејствуваат“, изјави Памер.
„Преку моите фотографии сакав да покажам дека зачувувањето на биодиверзитетот не е само обврска, туку чин на љубов – љубов кон земјата, природата и местата што ја чуваат нашата историја. Зовиќ ме научи дека природата не бара многу – само почит,“ рече Бојана Алексиевска.

„Сакав да го прикажам прекрасниот биодиверзитет на регионот Демир Капија и да ја нагласам важноста на различниот екосистем таму. Присуството на ретки и загрозени видови инсекти, како што се Fasciated Conehead Mantis и Milky Owlfly, е показател за биодиверзитетот на регионот,“ додаде Благој Трајков.
По Скопје, изложбата ќе патува во Белград и Сараево, завршувајќи ја својата регионална турнеја низ сите економии на Западен Балкан.
Проектот EU4Green – Зелена агенда за Западен Балкан го поддржува регионот во спроведување на реформи во животната средина. Финансиран е од Европската унија, кофинансиран од Австриската агенција за развој (ADA) преку International Partnerships Austria, и се спроведува од Агенцијата за животна средина на Австрија (Environment Agency Austria).
Промотивна објава














