Утре, 15-ти јули, во кафулето Излет ќе се одбележат 25 години од постоењето на промотерската куќа „Баланс“ со настапи на Самоил Радински, Оги Узун, Томи Бојаџи, Маци Стојановиќ и Сашо Узун. Јубилејот ќе биде одбележан од 14 часот, па се 01 часот после полноќ.
„BALANCE“ – првата професионална промотерска куќа во Македонија, годинава слави јубилеј – 25 години постоење, делување и едукација. Повеќе од две децении исполнети со музичка визија, автентичен звук и безрезервна посветеност во развојот на домашната електронска култура и сцена.
Ова не е обичен јубилеј, туку прослава на движењето, кое ја дефинираше културната и клупската матрица во Македонија. „BALANCE“ е синоним за детроитското техно, за хаус звукот и за вистинскиот андерграунд дух – секогаш чекор пред времето.
Промотерската куќа ја формираа четворица ентузијасти во далечната 2000 година – Огнен Узуновски, Иван Тодоровски, Самоил Радински и Смилен Димитров. Со јасна визија и под слоганот „Точка на топење“ почнуваат првите чекори.
Баланс не само што ги донесе првите модерни техно и хаус забави во Македонија, туку и го постави стандардот за организација на настани на различни локации, префинет звук, продукција и визуелно доживување. Преку децении работа, успеа да создаде сцена, публика, култура и пред се да едуцира генерации за тоа што е квалитетна музика.
„Испишавме историја на македонската електонска андерграунд сцена. Баланс е бренд, кој стои зад развојот на македонската техно и хаус сцена. Баланс е темел, столб и инспирација. Продолжуваме со исто темпо, бидејќи нашата цел е иднината“, вели Огнен Узуновски, еден од идејните творци на промотерската куќа.
Како дел од визијата, уште во далечната 2003 година, промотерската куќа издаде винилно издание – електронски звук, креиран од Самоил Радински и Смилен Димитров. Под логото „BALANCE“, е преведена и книгата „Електрошок“ на македонски јазик на култниот француски артист Лорен Гарниер. Ова беше и еден вид пресвртница, за промотерската куќа да ја прошири улогата од промотер на забави, до издавач и организатор на изложби.
Се почна на 15 јули 2000 година, кога детроитската икона Дерик Меј настапи во Градиште, Охрид. Оттогаш, преку BALANCE македонската публика имаше можност да доживее настапи на стотици култни и клучни артисти од сите страни на светот и да го промовира современиот техно, хаус, џез и хип хоп звук.
Забавите беа еден сегмент од мисијата на Баланс. Едукација и квалитетна музика не беше возможна без соработката со „LOGOS RECORDINGS“ зад која стои Самоил Радински, а така настана и музичко – издавачката куќа „SEKTOR 909“ проект и визија на Оги и Сашо Узун. Токму „SEKTOR 909“ стои зад проектот со кој се одбележа јубилејот 120 години Илинден, каде потпис и печат ставија 25 македонски артисти.
Промотерската куќа го создаде и проектот „Музика Универзалис“, фузија на детроитскиот андерграуд техно звук и Македонската филхармонија под палката на маестро Џијан Емин.
Илинден 2014 година – Антички театар Охрид, пред повеќе од неколку илјади посетители настапија Дерик Меј и Македонската филхармонија и во тој момент техно звукот се претвори во симфонија. „MUSICA UNIVERSALIS“ стана амбасадор на Македонија. Со Дерик Меј, а потоа и со Хуан Аткинс, Македонската филхармонија настапи на три континенти. Визијата на „BALANCE“ преточена во крос-жанровскиот експеримент, кој ги спои ритамот на машините со органската длабочина на симфонијата беше претставена пред публиката во Лондон, Париз, Мец, Гент, Ница, Белград, Мелбурн, Детроит, Приштина и Анаклија во Грузија.
Баланс остана достоен промотер, движење, кое поддржува и промовира млади домашни артисти – диџеи, продуценти и визуелни уметници. Настапите не се само забави, туку културни настани, симбиоза на звук, простор, луѓе и енергија.






