(Фото) Промовирани нови 29 JLTV оклопни возила на Армијата

Денеска во касарната „Јане Сандански“ во Штип беа промовирани новите 29 JLTV оклопни возила, со што бројот на овој тип на возила кои ги поседува Армијата се зголеми на 67.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат и зајакнуваат и дека во соработка со САД и програмите преку кои се вршат набавките за модернизација на македонската Армија, бројот на лесни оклопни возила се зголеми речиси за двојно.

„Нови 29 оклопни возила кои се набавени преку договорот Влада со Влада веќе се дел од Армијата. Со оваа нова достава, се приближуваме до потребниот бројот на возила, а дополнително, очекуваме во скоро време да ни пристигнат и дел од оклопните возила STRYKER кои исто така се од американско производство”, истакна Мисајловски и додаде дека возилата се предвидени за Лесната пешадиска баталјонска група, нашата декларирана единица која ќе биде подготвена за упатување и мисии во случај на потреба.

Министерот информираше дека потпишани се и седум нови договори со САД, проекти кои се во процес на реализација, а се однесуваат на набавка на опрема за специјални сили, набавка на беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека во насока на вложување во Армијата и е модернизацијата и конструкцијата на двата многу важни коридори, а тоа се Коридорот 10 и Коридорот 8.

„Не само сега туку и во иднина ќе претставуваат одлична логистика за Јужното крило на НАТО каде што и ние како Македонија припаѓаме и тоа е еден од нашите главни амбиции и планови во годините коишто следат, модернизација на Армијата, снабдување на она коешто е потребно и дефинирање на приоритети и реализирање на тие приоритети од аспект на опрема. Но, исто така и модернизација и конструкција на овие 2 важни логистички коридори за НАТО, посебно за Јужното крило на НАТО,“ рече Мицкоски.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер подвлече дека овие лесни оклопни возила преставуваат олицетворение на постојаната поддршка на САД на Македонија и нејзините одбранбени способности, а се и еден “силен и моќен симбол на вашиот напредок кон постигнување на модернизирана војска која што ќе биде опремена и подготвена да се соочи со потребите и барањата на денешната комплексна безбедносна средина.“

Фото: МО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести