На прес-конференција во Софија, Бугарија, заедно со бугарскиот премиер Росен Желјазков, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека е разумно на Македонија да и се дадат гаранции дека за неа нема да има нови услови на нејзиниот европски пат.
Претходно пак од Софија порача дека тоа што било “договорено, е договорено“ и дека земјата мора да ги направи уставните измени за да ги почне преговорите со Европската унија.
„Во исто време, многу е важно да се изгради доверба и да ѝ се даде гаранција на Северна Македонија дека она што го бараме сега е сè што бараме, а не дека чекаме за потоа да побараме да се направи повеќе. Тоа е разумно“, рече Кошта, посочувајќи дека токму поради потребата од градење доверба ги поканил владите во двете земји да започнат соработка на конкретни прашања.
Како пример го посочи подобрувањето на поврзаноста меѓу двете земји, како што се транспортните коридори, што “би ги поврзало народите и би ги подобрило економиите“. Тоа, според него, би бил „прв важен чекор за да се почне да се работи заедно“.
Фото: Игор Бансколиев