СДСМ бара итно исклучување на Јован Деспотовски од партијата, а случајот како што велат го доставиле до надлежните органи, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ.
„Јован Деспотовски, член на СДСМ, дејствува како петтоколонаш, предавник одвнатре, во договор со членови на ВМРО-ЗНАМ, кои со заеднички сили се обидуваат да ја дестабилизираат партијата преку медиумска кампања, обидувајќи се да го ослабат СДСМ – токму во моментот на подем на партијата.
Целата акција е спроведена поради вртоглавиот пад на поддршката од граѓаните за коалицијата ВМРО-ЗНАМ, откако на виделина излегоа тајните планови за „мигранти за пари“, изолацијата на Македонија и криминалните активности што ги објави нашиот партиски АКТ.
Акцијата е дури и координирана и финансирана од СНС и Вучиќ, со цел да се заштитат нивните бизнис-зделки со Христијан Мицкоски и неговата избрана банда.
Ова е докажано преку координирани текстови во медиумите, каде што коалицијата ВМРО-ЗНАМ секојдневно ги засилува нападите врз СДСМ и се обидува да ја урива од вантре.
Јован Деспотовски беше противкандидат на актуелниот претседател и загуби на внатрепартиските избори, а сега, од лични и финансиски интереси, ја урива партијата одвнатре, соработувајќи со сили што претставуваат современ еквивалент на фашистичките окупатори,“се вели во соопштението на СДСМ.
Деспотовски вели дека после 30 години политички стаж најмалку очекувал неговата матична партија да го остави целосно без зборови и коментар.
„Во сите јавни настапи сум бил максимално умерен дури и во ситуации и за луѓе кои апсолутно заслужиле остар став. Ако таа умереност сега станува закана за актуелниот партиски врв тогаш СДСМ има многу поголем проблем отколку што и мислиме.
СДСМ имала и ќе има многу поголеми личности од актуелниот претседател. И, никој од нив никогаш не се ставил над партијата, над нашето семејство. Тоа не е СДСМ, ниту некогаш ќе биде. Една лична порака за крај или за почеток – Венко, со една одлука не можеш, ниту ќе дозволам да избришеш 30 години работа, љубов и жртва,“ се вели во реакцијата на Деспотовски.
Фото/Деспотовски-Фејсбук














