„ДЗС не е детективска служба да открива нелегални и нерегистрирани објекти“, кажа обвинетиот министер Салиу на судењето за трагедијата во Кочани

Шабан Салиу, еден од четворицата обвинети поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кој сега е актуелен министер без ресор, на денешното рочиште за трагедијата во Кочани меѓу друго кажа дека во ДЗС во периодот од 2012 до 2017 година никогаш не пристигнале документи со барање за согласност или мислење од т.н. дискотека/кабаре „Пулс“, ниту, пак, било каква пријава од правно или физичко лице за објектот.

Тој во своите воведни зборови рече и дека „ДЗС не е детективска служба да открива нелегални и нерегистрирани објекти“ и дека ДЗС не знаела, а и тој, за постоењето на „Пулс“.

-Затоа не може да постои вина кај директорите на ДЗС од 2012 година до 16. март 2025 година, кога се случи пожарот. Ќе докажам дека не сум виновен и дека обвинението е несериозно, неодговорно и незаконски срочено, само со една цел – да бидам незаконски осуден за кривично дело што не постои, рече тој, посочувајќи дека е обвинет врз основа на претпоставки и политички притисоци, а не на докази.

-Според обвинението, сум бил свесен уште во 2012 година дека ќе се случи настанот од 16. март 2025 година. Ова не можела ниту Баба Ванѓа да го предвиди, а не па јас,“ рече тој меѓу друго.

Воведните зборови на неговиот адвокат Димитар Дангов беа со слични забелешки. И тој посочи дека Салиу не можел да биде одговорен за трагедијата затоа што не бил дел од инспекциските надзори и не се занимавал со технички услови во угостителските објекти, нагласувајќи дека ДЗС би имал обврски само ако „Пулс“ бил легално проектиран, изграден и формално пријавен.

И вториот бранител на Салиу, Шенај Османов, рече дека неговиот клиент никогаш не издавал дозволи, не вршел инспекции и не учествувал во ниту една одлука поврзана со „Пулс“.

Основното јавно обвинителство ги товари поранешните директори на ДЗС во периодот од 2012 до 10. март 2025 година дека, иако биле свесни за можноста од штетни последици, не презеле мерки за заштита на животите и имотот од пожари.

Според обвинението, тие не постапиле по законските обврски предвидени во член 68 и член 139 од Законот за заштита и спасување, ниту спровеле надзор врз прописите и правилниците за противпожарна заштита.

Дополнително, тие не донеле одлука за распоредување инспектор во Општина Кочани, која од 2012 година останала без инспектор.

Според Обвинителството, во годишните планови до 2020 година не било предвидено спроведување инспекциски надзор над објекти во Кочани, што според Обвинителството е клучен пропуст.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Селами немал законски надлежности да постапи, кажа одбраната на поранешниот директор на ДЗС на судењето за трагедијата во Кочани

Нема ниту еден факт кој го поврзува Максути со трагедијата, кажа одбраната на поранешниот директор на ДЗС

Мојата совест е чиста, обвинет сум за “несторување со умисла“ во нефункционален систем, кажа Аднан Џаферовски, поранешниот директор на ДЗС на судењето за трагедијата во Кочани

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести