На стартот на судењето за случајот „Адитив“ сите обвинети се изјаснија дека не чуствуваат вина.
Во „Адитив“, кој се однесува на злоупотреби и перење пари при јавни набавки на додатоци за јаглен во државното акционерско друштво Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), се обвинети 31 физичко лице и пет правни субјекти.
Од Основното јавно обвинителство пак, како што истакна обвинителката Наташа Поп Трајкова очекуваат осудителна пресуда, но и конфискација на имотот на обвинетите.
Таа на рочиштето кажа дека Обвинителството располага со доволно материјални и вербални докази кои ќе ја докажат вината на обвинетите, а по завршувањето на истото, кое се одржа во дигиталната судница во затворот Идризово, кажа и дека Обвинителството ќе ја докаже и моралната распаднатост на системот на управување во ЕСМ во времето кога обвинетите таму ги вршеле своите службени должности.
Како што е познато еден од обвинетите, поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски е во бегство, а за него како што рече обвинителката ќе се бара да му се суди во отсуство.
Следното рочиште е на 26. јуни.
Процесот го води судијката Даниела Димовска.
Фото: Влада