Славески ја презеде функцијата гувернер

Денеска во просториите на Народната банка, се одржа официјалната церемонија на примопредавање на функцијата гувернер, со што заврши мандатот на Анита Ангеловска-Бежоска и започна мандатот на новоизбраниот гувернер, Трајко Славески, информираат од Народната банка.

-Во своето обраќање, Ангеловска-Бежоска истакна дека изминатите години биле период на силни реформи, модернизација и одржување на макроекономската стабилност, дури и во време на сериозни светски предизвици.

Таа изрази благодарност до вработените во Народната банка за нивната исклучителна посветеност, професионалност и за нивниот придонес во унапредувањето на институцијата, за што потврда се високите оценки од меѓународните финансиски институции. Исто така, таа му го честита мандатот на новиот гувернер и му посака успеси во остварувањето на законски дефинираните цели на Народната банка, како професионална, независна и кредибилна институција, велат од таму.

Новоизбраниот гувернер на Народната банка, Славески истакнал дека преземањето на функцијата гувернер ја носи со себе големата одговорност за водење на една од најважните институции во земјата.

„Ќе се залагам за натамошно зајакнување на стабилноста на макроекономското и финансиското опкружување, со политики коишто се темелат на професионалност, аналитичка аргументираност и транспарентност. Ќе работам посветено на јакнење на довербата на јавноста и на меѓународните партнери во Народната банка, градејќи визија којашто им одговара на предизвиците на современото време и на потребите на нашата економија,“ изјави Славески.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кои ќе бидат приоритети на новиот гувернер Трајко Славески

По 20 години искуство, Анита Ангеловска-Бежоска заминува од Народна банка

Каков имот пријавила Анита Ангеловска Бежоска, поранешната гувернерка на Народната банка

Фото: НБ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести