Социо-економско влијание на НЛБ Банка: 675 милиони евра додадена вредност во домашната економија и над 23.400 поддржани работни места

Во 2024 година, НЛБ Банка креира над 675 милиони евра додадена вредност директно преку своите активности, како и преку кредитите и синџирот на добавувачи, што претставува значителни 4,3% од бруто-домашниот производ (БДП) на земјата.

Активата на Банката изнесува 2 милијарди евра, односно 14% од БДП на земјата, што претставува 1/7 од националната економија.

Со 1,4 милијарди евра вкупно кредитно портфолио и 18% учество во вкупните бруто кредити во земјата, над 471.000 активни клиенти и 22% во вкупниот платен промет реализиран од деловните банки во 2024 година, НЛБ Банка Скопје е столб на финансискиот систем и значаен фактор на долгорочниот економски развој на земјава.  Директно вработува 970 луѓе, и активно поддржува над 23.400 работни места.

Ова се клучните наоди од Студијата за социо-економското влијание на НЛБ Банка за 2024 година, кои денеска беа презентирани на еден од панелите на меѓународната конференција „NLBNext“ на тема „Иднината на банкарството“, а по повод 40-годишнината на Банката. На панелот дискутираа Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор (УО) на НЛБ Банка, Зоран Јовановски независен член на Надзорниот одбор (НО) на НЛБ Банка и Академик Абдулменаф Беџети.  

Присутните добија вредни перспективи за социо-економскиот придонес на НЛБ Банка, преточени во прва Студија од ваков вид направена за една банка во нашата земја. Студијата е изработена со техничка поддршка на PwC, согласно меѓународно признати методолошки пристапи и истата го квантификува директниот, индиректниот и индуцираниот ефект од работењето на Банката.

„Со 2 милијарди евра актива, која претставува 14% од БДП на земјата или 1/7 од националната економија, социо-економското влијание на НЛБ Банка е огромно. Банката придонесува со 211 милиони евра во даноци и социјални придонеси, што е околу 4% од вкупните јавни приходи“, го започна своето излагање, Тони Стојановски, претседател на УО на НЛБ Банка.  

Стојановски истакна дека вкупното кредитно портфолио на крајот на 2024 година изнесува 1,4 милијарди евра, а само минатата година Банката пласирала 560 милиони евра. Од вкупното кредитно портфолио, 506 милиони евра или 35% се кредити за компании, од кои 44% се кредити за микро, мали и средни компании.

„Но, основната смисла на постоењето на НЛБ Банка оди подалеку од бројките, тоа е влијанието врз општеството, додадената вредност во исплатени плати, задржување на работни места и придонес за заедницата. Денес го славиме минатото, но силно сме фокусирани на иднината! Ја имплементираме стратегијата 2030, продолжувајќи со стабилен раст и развој, со иновации и дигитализација. Дел сме од амбициозна Групација што ни дава можност да донесеме искуствена економија во земјава. Ќе продолжиме и со вложувања во човечки капитал и поддршка на заедницата, подготвени за сѐ што следи!„, заклучи Стојановски.

Методологијата на студијата е научно признаена, истакна Академик, Проф. д-р Абдулменаф Беџети, според кого НЛБ Банка e повеќе од само финансиска институција, таа е клучен столб на економијата и финансискиот сектор во земјата, партнер од доверба и поддршка на бројни семејства и бизниси. Со 1,7 милијарди евра во депозити, и 1,4 милијарди евра вкупно кредитно портфолио, НЛБ Банка дава силна поддршка на населението и растот на приватниот сектор, континуирано создавајќи нова вредност. НЛБ е системски важна банка, која со своето работење придонесува кон државните јавни расходи. Во 100 евра јавни расходи, НЛБ Банка учествува со 4 евра. Со 16% пазарен удел во средствата на банкарскиот сектор, Банката е длабоко интегрирана во локалната економија и активен учесник во поддршката на реалниот и граѓанскиот сектор.

Зоран Јовановски, член на НО на НЛБ Банка, ги потенцираше континуираните инвестиции во дигитализација и иновации, кои само во 2024 година изнесуваат 1,6 милиони евра.

„Во Банката имаат доверба над 471.000 активни клиенти од кои 453.000 физички лица и над 17.000 корпоративни клиенти. Преку НЛБ Банка 134.000 граѓани ја примаат својата плата (секој 4-ти вработен во земјата), 81.000 пензионери ја примаат својата пензија, а 42.000 корисници добиваат социјални надоместоци, што покажува колку е Банката интегрирана во секојдневниот живот на луѓето“, истакна Јовановски и додаде дека  НЛБ Банката создаде одлична основа за иднината и како членка на најголемата банкарска и финансиска групација во нашиот регион, НЛБ Банка e силно посветена на унапредување на квалитетот на животот, придонесувајќи за одржлива економија.

НЛБ е лидер во почитувањето на ЕСГ стандардите – 2/3 од трансакциите се електронски, преполовена е употребата на хартија. Во 2024 година НЛБ Банка има вложено 500 илјади евра во над 50 општествено одговорни иницијативи и проекти. НЛБ е Банка која се грижи и за вработените, што сес потврдува со фактот, дека настрана од бенефициите и грижата за нивната добросостојба, само во 2024 се остварени 55,000 часови обука и инвестирани се 660.000 евра. Од мала финансиска организација основана во далечната 1985 година, НЛБ Банка се трансформираше во една од водечките банки во земјава, силна и стабилна институција со значаен придонес во економскиот развој на земјата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести