Во Клиника Жан Митрев, кардиохируршкиот тим предводен од д-р Жан Митрев, успешно изведе современа минимално инвазивна операција на срце, позната како MIDCAB (минимално инвазивен директен коронарен артериски бајпас), информираат од таму.
Операцијата се изведува преку мал засек меѓу ребрата, без сечење на градната коска и без употреба на апарат за вонтелесна циркулација.
Со оваа техника се постигнува реваскуларизација, односно се подобрува крвотокот кон срцето, додека останатите стеснувања се третираат со поставување стентови за максимален ефект и безбедност, со што се овозможува сигурно лекување на коронарната болест.
Овој пристап значително ја намалува инвазивноста и го зголемува нивото на безбедност, а истовремено обезбедува одлични функционални и клинички резултати. За пациентот овозможува побрзо закрепнување, помала болка и пократок престој во болница, како и помал ризик од компликации.
Дополнителна предност е и подобриот естетски резултат со минимален и дискретен постоперативен белег.Изведбата на вакви хибридни процедури кои ги комбинираат предностите од двете интервенции бараат високо обучен мултидисциплинарен тим, напредна медицинска опрема и прецизно интраоперативно следење.
Со соодветна селекција на пациенти, овој вид на минимално инвазивни операции претставува безбеден, современ и клинички супериорен избор во кардиохируршката пракса.Со примена на најсовремените методи и технологии, Клиниката продолжува да поставува високи стандарди во лекувањето на срцеви заболувања, велат од таму.













