Стартува „ПМГ Рекордингс фестивал 14“ во МНТ и Јавна соба

Од 16 до 18. октомври, љубителите на новиот звук ќе се сретнат во Јавна соба и МНТ, каде ќе се одржи „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“ – тридневен музички настан, кој носи современа фузија на електроника, поп, поезија и трап.

Фестивалот започнува утревечер, 16. октомври, во 21 часот во Јавна соба, со настап на Александар Велики, кој ќе го отвори фестивалот со динамичен концертен настап со интелигентна мелодичност и танцова атмосфера. Истата вечер ќе настапат и Donplaya & Prince$$ Donatsu, највлијателното трап-дуо од Битола, чии уникатен израз ги спојуваат музиката, уметноста, рапот и комедијата, оставајќи силен белег врз новата генерација. Влезот на настанот е бесплатен.

Втората фестивалска вечер, на 17. октомври, ќе се одржи на малата сцена во МНТ со почеток во 20 часот и ќе биде посветена на електронската музика во дијалог со поезијата. L.O.V.D ќе ја претстави својата авторска електронска продукција во живо, додека Поетроника, проектот на Оливер Митковски и Андреја Салпе, кој во поетско-звучен амбиент на уникатен начин ја претставуваат македонската поезија придружена од електронска музика. Вечерта ќе ја заокружи Blackstate, со моќен настап што ги спојува синт попот, експерименталната електроника и хардкор-панк естетиката во моќен музички израз за сложените емоции на современото време. Билети: mnt.mk.

Големото финале следува на 18. октомври во Јавна соба, со настап на хрватскиот MANGROOVE – еден од најреномираните поп-состави во регионот, кои првпат ќе настапат пред македонската публика. Нивниот настап ќе биде кулминација на фестивалот, исполнет со енергија, свежина и емотивност. Вечерта ќе ја отвори Марија Каева, со својот електро-поп настап преполн со синглови и мелодии од албумот „Фортуна“. Билети: bileti.drugastrana.mk.

„ПМГ Рекордингс Фестивал“ го основа Мирко Попов во 2008 година. Со 13 реализирани изданија, фестивалот ја поддржи и промовира новата и квалитетна музичка продукција. Подготовките за 14. издание започнаа во 2023 година со Попов, а годинашнава реализација е резултат на работата на тимот на фестивалот, заедно со музичарите и партнерите, со програма посветена на неговиот роденден.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести