Стартуваа законски решенија кои се во насока на намалување на сивата економија, вели Дурмиши

Денеска започна со примена Законот за работно ангажирање на лица, кој е најавен како реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работници.

Според министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, со законот се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање на работна сила, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Тој нагласи дека законот овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права.

Во првата фаза, се опфатени дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.

 „Со примената на законот се очекува формализација на околу 17.400 лица, од кои до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите“, рече Дурмиши.

Од денеска, исто така започнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој обезбедува финансиска поддршка за компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст на приходите.

„Комбинацијата од овие два закони значи истовремено сузбивање на сивата економија и активна поддршка на формалната економија, со што државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима.

Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците,“ истакна Дурмиши.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани, кои се предизвик за системски решенија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести