Стефан Николовски на 14. февруари ќе го има својот прв солистички концерт. На истиот меѓу друго ќе изведе 10 нови и до сега неизведувани песни на македонски јазик. Станува збор за џез стандарди и поп песни изведувани од Френк Синатра, Нет Кинг Кол, Елвис Присли, Френки Вали…
Кажи ми на кратко за твојот претстоен настап?
Рециталот го нареков „Нови сни за една стара љубов“ и ќе се одржи на 14. февруари во Среќа Бар во Аеродром. Ќе отпеам 21 љубовна песна на македонски јазик. Програмата ја спремив специајлно за денот на вљубените. Ќе отпеам еднаков број на познати американски џез стандарди, но и домашни евергрини.

Која ти беше инспирацијата за овој настан? Зошто го одбра 14., денот на вљубените?
Отсекогаш ми се допѓале постари песни, од едно друго време, со мек сензибилитет. Тивки се и имаат специфична енергија на мир, носталгија и оптимизам. Ова се песни кои имаат вредност и останале да се слушаат низ декадите, особено љубовните кои совршено се вклопуваат за овој повод.
Инспирацијата за овој настан може да се каже дека потекнува од себична потреба за уметност. Мене лично ми фали да слушам што повеќе македонски вокален џез. За жал македонските џез композиции се ретки, особено вокалните. Мислам дека македонската публика исто така сака повеќе македонски џез и дека ќе биде љубопитна да чуе нешто ново.

Спомна нешто ново? Што ќе може публиката да чуе на твојот настап?
Да, на овој рецитал ќе може публиката да чуе 10 нови и до сега неизведувани песни на македонски јазик. Станува збор за џез стандарди и поп песни изведувани од Френк Синатра, Нет Кинг Кол, Елвис Присли, Френки Вали итн..
Оваа практика на македонски адаптации ја изгубивме некаде во 70. години. Многу познати македонски песни се адаптации, на пример: „Ако отидеш“ во изведба на Нина Спирова или „Кажи зошто ме остави“ во изведба на Никола Б. Автовски. Драго ми е да ја возобновам оваа практика и да придонесам нешто ново за македонскиот вокален џез.
Настанот има специфично име „Нови сни за една стара љубов“…
Да, рециталот е спој меѓу старото и новото. Најпрвин сите песни се стари 50 години или повеќе и со себе носат своја специфична енергија. Она што е новитет е што пола од нив ќе бидат изведени одново, на македонски јазик, па ќе прозвучат свежо.
Воедно јас сум и нов пејач, нов глас, па публиката воедно ќе има можност да чуе како нов глас пее добро познати, стари песни. Очекувам дека во оваа игра меѓу старото и новото ќе успеам за публиката да создадам една жива љубовна магија.

Колку време ти требаше да се подготвиш за ваков настан?
Идејата за овој настан се роди лани летоска. Некои од песните во програмата ги пејам за себе повеќе од 20 години, па за нив не ми требаше многу подготовка. Но, затоа требаше добра подготовка за сите нови македонски адаптации, најпрвин за самиот текст кој не треба само идејно и тематски да се поклопи со оригиналните стихови, туку треба и слоговно и ритмички да се вклопи со музиката.
За самите изведби ми помогнаа моите две професорки: Мартина Георгиевска, концертен пејач и професорка во приватното музичко училиште „Piano Academy“ и Александра Коцевска, концертен пејач и професор по соло пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” – Скопје.
Морам да го спомнам и мојот професор по пијано Миле Наумовски, професор по музичка уметност во СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје со кој работевме за да можам на публиката да и отсвирам и една песна на клавијатура.
Кои се твоите идни планови?
Интуицијата ме води да продолжам да го следам патот на адаптациите и да ја пополнувам дупката што ја чувствувам во македонскиот вокален џез. Исто така мислам дека како народ сме желни и подготвени за повеќе оптимизам. Така што, во иднина сакам да адаптирам џез стандарди кои не се љубовни, но кои имаат позитивна енергија и оптимизам, кои пејат за убавината на животот. Песни како на пример “What a wonderful wordl” или „Smile“.
Би сакал оваа визија да се преточи во албум и во што повеќе идни настапи.














