„Светило на врв планина“ во Скопје- ќе биде промовирано првото житие за деца за македонски светител

Во Скопје, на 3 октомври (петок) со почеток во 19 часот, во кафулето „Бифе Тафталиџе“, ќе се одржи промоција на книгата „Светило на врв планина“ – првото илустрирано и адаптирано житие за деца за македонски светител. Делото е посветено на Света Спаса Вишенска и има цел да ја доближи нејзината животна приказна до најмладата читателска публика преку едноставен и достапен јазик, збогатен со илустрации.

Автор на книгата е Јасмина Кантарџиева Димков, а илустрациите ги изработи уметницата Викторија Попоска.

Промотори на книгата ќе бидат отец Александар Димоски, отец Александар Крстаноски и новинарот Горан Величковски.

Според уредникот на книгата, отец Александар Димоски, мотивацијата за создавање на ова дело произлегла од потребата содржините од духовното и културното наследство да станат разбирливи, блиски и инспиративни за децата.

„Можеби не многу голема по обем, но непрегледна по содржина, неоценлива според значењето и благословена во намерата, сликовницата „Светило на врв планина“ сигурно ќе стане нечие детско Евангелие“, истакнува отец Димоски.

Во предговорот на книгата тој дополнува: „Страниците на книгата што ја држите во рацете не раскажуваат нешто измислено, ниту пренесуваат сказна или бајка, туку сè што ќе прочитате и видите тука е вистина, вистина за која и децата се повикани да сведочат и да ја пренесат на своите родители и пријатели.“

Настанот е отворен за јавноста. Книгата е реализирана со поддршка на Министерството за култура.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести