Известувач од Туркије за еМагазин.мк, Силвана Жежова
Туркије веќе две години интензивно работи на „Наследство за иднината“ (Heritage for future), проект кој што министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој го нараче „национално движење во турската археологија“.
Преку овој проект, државата има за цел целосно да го врати и раскаже наследството на сите цивилизации што оставиле трага на просторите на денешно Туркије.
Античките градови претрпуваат значителна трансформација, а државата како никогаш до сега одвојува ресурси за таа цел.
Проектот „Наследство за иднината“ започна во 2023 година во Ефес и брзо се прошири на 251 ископувачки локалитети, со цел зачувување и ревитализирање на огромното културно наследство на Туркије.
Културната преродба се состои од реставрација, конзервација, ископување, изградба на инфраструктура кои овие локалитети ги враќаат во живот. За потребите на проектот се отворија и 5.000 нови работни места, вклучувајќи и 2.000 специјалисти.
Туркије воведе и програма „Ноќни музеи“ при што само лани, над 400.000 луѓе посетиле 27 локации навечер, благодарение на специјализираното осветлување на музеите кои ги отворија вратите на посетителите и ноќе.
Со дел од тековните активности на „Наследство за иднината“, се запозна и групата на новинари од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, која што посети четири археолошки наоѓалишта во Анадолија.
На сите арехолошки локалитети затекнавме работници и ископувања, така што за сигурност античките градови кои ги посетивме Хиерополис и Лаодикија во Денизли, Блондус во Ушак и Сагаласос во Испарта, за некоја година, ќе изгледаат сосема поинаку.
Хиерополис
Хиераполис е еден од најпознатите антички градови во туристичката понуда на Туркије и е вклучен во факултативните екскурзии на туристите кои се на одмор на крајбрежјето од Егејско до Средоземно море. Било да сте на одмор во пределот околу Кушадаси или пак во Анталија, хотелите го нудат како можност за посета. Туристите најповеќе се привлечени од Памуккале, кој исто така се наоѓа во Хиерополис. Колку за споредба, што е Охрид за Македонија, тоа е Памуккале за Туркије.









Нашата стартна точка од која што појдовме за да го посетивме овој антички град беше Денизли кој што е оддалечен 18 километри. Во Денизли, кој што е значаен трговски, културен, историски центар во Анадолија има и аеродром, па оттука местата кои вреди да се видат се лесно достапни.
Хиерополис се смета за „свет град“ и е под заштита на УНЕСКО од 1988 година. Помеѓу остатоците кои вредат да се посетата се Гимназиумот, Античкиот базен или познат како базенот на Клеоптра, Археолошкиот музеј, Плутониумското светилиште (Портата на пеколот), црквата посветена на апостолот Св.Филип (местото каде што бил и распнат), изворите на термална вода од која што се полнат базените на Памуккале, гробниците, улицата Фронтинус, агората, капиите, Аполон..
Но, она што посетителите ги остава без здив и е задолжително да се види е Античкиот театар. Колку за споредба, три пати е поголем од Античкиот театар во Охрид. Толку добро е вратен во неговата автентична форма, што и денес се користи за намената за која всушност бил изграден. На сцената се одржуваат концерти, претстави, а за негова промоција голема заслуга има и фестивалот кој собира артисти и туристи од целиот свет. Погледот одтаму како на сцената, така и на околината е величествен.
Есента е идеално време за посета на ова место, бидејќи не е премногу жешко и времето дозволува да се прошета целиот антички град, но е доволно топло за да се искапете во некој од базените со термална вода.
Она што не смеете да го пропуштите е капењето во Античкиот базен или попознат како базенот на Клеопатра. Водата е минерална и лековита, температурата изнесува 36 степени Целзиусови. Под површината се наоѓаат камења од античко време, пливате низ историјата во денешнината. Ние кога го посетивме беше затворен поради реконструкција, но ќе биде отворен следниот период.
Лаодикија
Лаодикија е уште еден антички град кој што му парирал на Хиерополис. Во минатото бил значаен центар каде што се одвивала трговска размена. Што би се рекло, парите во античко време се вртеле овде поради богатите трговци кои тргувале пред се со текстил, но и поради стратешката географска положба и поврзаноста со Азија. Главните патишта, поминувале ододвде.
Лаодикија ја посетивме на враќање кон Денизли, бидејќи се наоѓа 15 километри од Памуккале. Групата чекореше по улицата на која што всушност се одвивала трговијата, а се видоа и остатоци од комплекост со бањи, зградата на парламентот, агорите.. Градот е опкружен со гробишта (некрополи) од сите четири страни.
Во моментов се работи на најголемиот антички театар во Анадолија, кој што всушност е поголем и од оној во Хиерополис. На терен затекнавме механизација и работници. Се составуваат и мозаиците под земја, а кои одозгора се заштитени со стакла. Всушност и овој локалитет е влезен во проектот „Наследство за иднината“ и интензивно се откриваат нови ископини.






Интересно да се спомене е што од ова место се ширело христијанството, односно местото е жив сведок за тоа дека на овие простори постоеле и христијански заедници. Најголемо сведоштво е велелепната црква која постоела од времето на проповедите на апостолите, а истата започнала да се открива во 2010 година. Денес е под заштита на УНЕСКО.
Чекоревме по нејзините остатоци, низ специјално направени стаклени мостови а од кои се гледаат мозаците, се доаѓа до олтарот, до крштелницата..
Оваа црква е дотолку повеќе значајна бидејќи е една од седумте цркви кои се споменуваат во Библијата, односно во Откровението на апостол Јован. Тој всушност испраќа писма до седум цркви во Ефес, Смирна, Пергам, Тиатир, Сард, Филаделфија како и во црквата во Лаодикија.
Пораката до Лаодикија, е отпечатена и на табла на влезот од остатоците од црквата, а на друга табла пак е претставена во нејзиниот оригинален изглед.









„И на ангелот на Лаодикиската црква напиши му: ова го вели Амин, Верниот и Вистинскиот Сведок. Почетокот на Божјото создание: ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок, о, да беше студен или жежок!Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја!
Зашто велиш: „Богат сум и се збогатив, а ништо не ми терба,“ а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол; те советувам да си купиш од Мене злато низ оган прочистено, за да се збогатиш; и бела облека за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои за да гледап. Оние што јас ги сакам нив ги карам и воспитувам. И така биди искрен и покај се.
Ете стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него и тој со Мене. На оној што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.“
Блондус
За разлика од Хиерополис и Лаодикија кои се наоѓаат во Денизли, третиот антички град кој што беше на листата за посета, Блондус се наоѓа во Ушак, град кој бил домаќин на многу цивилизации низ историјата и затоа денес е дом на големо историско и културно наследство.
На влезот на Блондус, кој патем сѐ уште не е официјално пуштен за посета на туристи нè пречека камен на кој се прикажани двајца војници од фалангата на Александар Македонски, кој всушност го основал градот. Мештаните се нарекувале Blaundeon Makedonon, а ова име било испишано на на бројни натписи како и на парите кои се користеле.






Александар Македонски веројатно не случајно го избрал ова место пред се, најповеќе заради неговата географска местоположба. Имено, градот од трите страни е опколен со кањон, па оттука и многу тешко можел да биде нападнат или освоен од противниците.
На локалитетот затекнавме работници кои ископуваа под раководство на археолог. Во градот имало стадион, замок, театар, храмови, карпести гробници, храмот на Деметра.
Поради визуелниот изглед на еден мал дел на камените столбовите, истие се нарекуваат турски Стоун хенџ. Својот процвет, градот го доживеал за време на римскиот период.
Сагаласос
Античкиот град Сагаласос се наоѓа близу Испарта, која што има сосема поинаков шмек од Денизли и Ушак. Испарта остава впечаток на среден и модерен град, а од таму потекнува поранешниот турски премиер и претседател Сулејман Демирел.
Многу е веројатно, за време на неговите мандати, посебно да се има заложено за градот денес да прерасне во модерен турски град. Во близина се наоѓа и аеродром, што ја прави добро поврзана дестинација како со домашни така и за интернационални дестинации.
Античкиот град Сагаласос се наоѓа во прегратките на планината Бик, поради што приодот до таму е многу живописен. Исто како и со Блондус, историјата на овој антички град е поврзана со Александар Македонски. Според информациите кои ги добивме од нашиот водич Еркан Орхан, Александар Македонски од таму имал целосна контрола на местата кои што не успеал да ги освои. И денес постои рид кој што е наречен според него, а од таму се пружа прекрасен поглед на долината како и на околните планини. Оттука, околината ја имал на око.









Сагаласос всушност е еден од најдобро зачуваните Антички градови во Анадолија, каде што и денес најдобро може да се види, како тие изгледале во минатото.
Таму се наоѓа и најголемата агора во чие што средиште е фонтаната Антонин, од која се уште тече планинска вода која што може да се пие.
Во античко време, овој град имал традиција за производство на керамика. И денес постојат остатоци од улиците каде што најразлични производи биле изложувани и продавани. Тоа најчесто се случувало во долниот дел на градот, додека во горниот дел на градот пак, најчесто се продавале луксузни стоки.
Во долниот дел од градот доминира Големиот римски комплекс за бањи, сведоштво за величието на римската архитектура.
Сагаласос е вклучен во проектот „Ноќни музеи“, и навечер е прекрасно осветлен со што нуди едно уникатно доживување и патување низ времето.
Секој од античките градови што ги посетивме си има своја уникатна убавина, но Сагаласос е вистински бисер кој сведочи за тоа време.
Фото: еМагазин/ТГА














