Турско-македонски културен мост преку кинематографијата – нови можности за соработка и зближување

Турската кинематографија беше во фокусот на 46. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој годинава му ја додели специјалната Златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на еден од најистакнатите турски режисери, сценаристи и продуценти – Семи Капланоглу.

Авторот на познатата „Трилогија за Јусуф“ (Јајце, Млеко, Мед), награден со „Златна мечка“ на Берлиналето во 2010 година, ја прими наградата во Битола, градот на пионерите на балканската кинематографија.

„Филмот отсекогаш бил јазик на светлината и сенките, на тишината и гласот, на сеќавањето и сништата… затоа што уметноста е дел од најдлабоките патишта што придонесуваат кон духовниот развој на човекот“, истакна Капланоглу во своето обраќање.

Фестивалот беше поддржан од Министерството за култура и туризам на Туркије и имаше истакнато присуство на турски филмови и нивните автори.

„Целта ни е да ги зголемиме копродукциските проекти меѓу Туркије и Северна Македонија. Како две блиски земји, тука сме да се зближиме уште повеќе“, изјави Бирол Ѓувен, генерален директор за кино на турското Министерство за култура и туризам.

Освен проекцијата на филмот „Жито“ на Семи Капланоглу, дел од официјалната фестивалска програма беше дебитантскиот игран филм на Мурат Фиратоглу – „Еден од деновите кога Хеме умре“, додека краткиот филм „Гаран“ на Семи Јилдиз се натпреваруваше во категоријата за кратки филмови.

Во рамките на фестивалот, турското Министерство за култура и туризам и Амбасадата на Туркије организираа прием во историската гимназија „Манастир“ во која учел Ататурк. На настанот присуствуваа продуценти, режисери и филмски уметници од двете земји, како и интернационални гости на Фестивалот.

Неколку членови на турската делегација на фестивалот учествуваа и на панел-дискусијата организирана од Институтот „Јунус Емре“ и Турскиот театар во Скопјe. Панелот беше посветен на новите перспективи за заеднички проекти и на него учествуваа водечки личности од денешната турска филмска индустрија – режисерот, сценарист и продуцент Мурат Фиратоглу, продуцентот Ипек Ерден и режисерот, сценарист и продуцент Бурак Чевик.

Особен акцент беше ставен на филмот на Мурат Фиратоглу „Еден од деновите кога Хеме умре“, кој веќе освои престижни награди – Специјалната награда на жирито на 81-от Филмски фестивал во Венеција и наградата за најдобар филм на 31-от Филмски фестивал „Златен бол“ во Адана. Со оваа продукција, Туркије се кандидира за 98-то доделување на наградите „Оскар“ во категоријата „Најдобар меѓународен долгометражен филм“.

Учесниците говореа за предизвиците и можностите што ги носи дигиталната ера, за перспективите на меѓународните копродукции и за тоа како театарот, киното и ТВ-сериите можат меѓусебно да се инспирираат и збогатуваат. „Уметноста е еден од најсилните мостови што ги надминуваат границите и ги зближуваат луѓето,“ беше заклучокот на панелот.

Со оваа интензивна презентација на искуства и идеи, турско-македонската соработка во кинематографијата добива поттик за нова динамика и отвора пат за идни заеднички проекти, градејќи мостови на културна размена и заемна инспирација меѓу двете земји.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести