На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, како сведок на Основното јавно обвинителство, сведочеше Марија Петрушева, мајка на загинатиот Андреј и на Кристијан Петрушеви.
Нејзиниот син Андреј работел во ресторан, а кобната вечер бил ангажиран за помош во т.н. дискотека „Пулс“. И нејзиниот друг син Кристијан, бидејќи имало многу гости бил исто така повикан да помогне во “Пулс“ од страна првообвинетиот Дејан Јованов Деко, газдата на т.н. дискотека.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кај газдата на „Пулс“ најден мобилен, доби само опомена
Откако избил пожарот во објектот и почнале да се слушат сирени, околу 3 часот наутро им ѕвонела на двајцата синови, но не добила одговор и од двајцата.
-Со Андреј последно се чув во 6 часот. Ми кажа дека после работа во ресторанот бил викнат на испомош во дискотеката „Пулс“, но дека е уморен и може нема да оди. Но, не се чув после, изјави мајката.
Кога стигнале кај т.н. дискотека по некое време дознале дека и двајцата со Брза помош се однесени во болница. Тогаш несвесни што навистина се случило, таа и нејзиниот сопруг верувале дека штом се болница, ќе биде во ред, па тргнале таму.
Во болницата најпрво го нашле Кристијан, кој им рекол дека не успеале да го спасат Андреј.
Рече дека Андреј немал изгореници и дека им изгледал живо.
– Почнавме да му даваме вештачко дишење. Не можев да се помирам со тоа, умот не ми даваше дека е мртов. Му реков на сопругот оди барај други доктори, мора да ми го вратат. Го прегледа доктор и рече дека нема пулс, дека почнува да се лади, кажа таа, посочувајќи дека по кобната ноќ цело време била со инекции и лекарства.
Раскажа и ека Кристијан кога се случил пожарот, бил излезен надвор на цигара и дека немал повреди.
– Психичката состојба му беше многу лоша и ден денеска е лоша, бидејќи се обвинуваше што не успеал да го спаси брат му. Кристијан до ден денеска има кошмари и ја преживува таа вечер, рече таа, потенцирајќи дека по трагедијата нејзиното семејство не живее, туку преживува.
-Секое сабајле станувам и се соочувам со реалноста, со празнината, со загубата. Знаеш дека ништо не можеш да смениш, но се прашуваш зошто, зошто тој не можеше да се спаси, рече таа меѓу друго.
Фото: Игор Бансколиев














