Владата ја „смирува топката“ со кочанчани, по острите реакации на граѓаните откако здружението Support Kocani, премиерот Христијан Мицкоски го оквалификува како политичко.
Во денешното соопштение до јавноста, од Владата велат дека “борбата е заедничка“.
„До сега како Влада обезбедивме 30 милиони денари за транспортот и сместувањето на придружбата односно за членовите на семејствата на повредените пациенти.
Но, нашата грижа не завршува тука, бидејќи Кочани е наш приоритет и никој не смее да биде заборавен.
Дополнително отворивме телефонска линија која е во директна комуникација со претседателот на Владата. Повредените и нивните семејства можат да се јават на телефонскиот број 070/355-526 за да ги искажат своите барања, конкретни предлози и потреби кои ги имаат.
Понатаму, на владина седница ќе донесеме одлука со која одморалиштето Пониква кое располага со 27 соби и 56 легла се пренамени во центар за рехабилитација, во кој медицински кадар ќе може да работи како на психофизичката состојба така и на пружањето на медицинска нега за брзо закрепување на повредените граѓани,“ велат од Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски на прославата на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ во Велес, во својот говор изјави дека „едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко“, обвинувајќи дека од почетна поддршка за жртвите, сега се говори за инфраструктурни проблеми и политички ветувања, што, според него, е „манипулација и фрлање прашина во очите на јавноста“.
Од Support Kocani овој говор го оценија како непримерен и демотивирачки и не прифаќаат да бидат дел од политичка реторика и препукувања, бидејќи тоа го убива ентузијазмот на граѓаните кои се обединиле во духот на солидарноста.
„Support Kocani не се препознава во коментарот на премиерот. Сигурно мисли за некое друго здружение,“ велат од таму.
Организацијата потсетува дека нивната работа е насочена исклучиво кон помош за жртвите и нивните семејства и дека ќе продолжат со активностите без оглед на политичките квалификации.
„Ништо нема да ни застане на патот на солидарноста, најмалку тоа треба да биде државата или политичките чинители“, нагласуваат од „Support Kocani“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата отвори телефонски број за директна комуникација со повредените во трагедијата во Кочани