Да се осмелиме да Го побараме Христос таму каде што најмалку Го очекуваме, порачува сестра Ефимија по повод Божик, кој православните Христијани го прославуваат втор ден.
„Денес светот е во потрага по технолошки и политички системи кои ќе ги решат неговите дилеми, но тие често завршуваат во ќорсокак бидејќи го забораваат живиот човек и неговата потреба за смисла. Историјата е еден вид гробница на неуспешни концепти кои сакаа да го спасат светот преку сила, декрети или исклучивост. Но, Рождеството Христово ни нуди поинаков одговор.
Тоа нè потсетува дека Бог не е апстрактна идеја на врвот на некоја хиерархија, туку Личност која влезе во нашата болка. Затоа, Христос ни е потребен на сите – не како религиозен символ, туку како кислород за нашето општество. Он е тивката светлина која не нè заслепува, туку ни го осветлува патот кон другиот. И кон Него Самиот.
Без таа божествена вертикала, секоја хоризонтала на социјалната правда, на многуте различни идеологии, лесно станува кршлива. Затоа да не Го бараме Христа само во сјајот на празничните светла и на шопинг улиците, туку да Го побараме во тишината на сопствената совест и во очите на оној кој страда. Зашто, Он бара да биде пронајден, но не со присила, туку преку дијалог; преку разбирање, преку слушање. Он, со Своето раѓање, прв го започна тој дијалог со нас. Наша задача е да Му одговориме со тоа што ќе станеме малку повеќе кенотични – подготвени да се испразниме од сопствениот гнев и гордост, за да можеме да го прегрнеме другиот, да го прегрнеме светот.
Само така, Божиќ нема да ни биде еден ден во календарот, туку трајна состојба на нашето срце. И тогаш кога ќе Го пронајдеме Него, веќе сме ги нашле сите одговори,“ вели сестра Ефимија од манастирот Рајчица во интервју за 360 степени.
Таа се осврнува на прашања поврзани со историјата на календарот на прославата на овој празник и неговото суштинско значење, постот кој му претходи, изработката на божиќни пештери од страна на сестринството во Рајчица.
„Изработувањето на божикните пештери во нашиот манастир во Рајчица не е занаетчиски потфат, туку специфична форма на проповед. Нашата желба беше едноставна, а сепак, длабока: секој дом да стане мала црква. Пештерата не е декоративен предмет, туку икона која нè потсетува на оној онтолошки пресврт за кој зборувавме погоре – дека Бог се смести во пештера за да најде место во нашето срце; во нашиот дом. Мотивот никогаш не бил материјален; напротив, пештерата е симбол на дарувањето. Ние подаруваме сведоштво, потсетник дека по Рождеството, нашиот внатрешен пејзаж веќе не смее да биде пуст,“ додава таа.
Фото/Бигорски манастир













