Деенеска во Штип започна изградбата на најголемиот ветерен парк во Северна Македонија, проект поддржан од водечкиот независен менаџер за одржливи инвестиции Алказар Енерџи Партнерс (AEP).
Со вкупна инвестиција што надминува 500 милиони американски долари, ова е најголемата приватна инвестиција во обновлива енергија во историјата на земјата.
„За мене е исклучително пријатно чувството денеска, бидејќи после нешто повеќе од една година, тоа што тогаш го ветивме, заедно со компанијата и инвеститорот, денеска добива некаква завршница, завршница на оваа прва фаза. Тоа беше практично вториот ден од изборот на тогашната нова Влада кога заедно со Даниел Калдерон и со неговите соработници најавивме инвестиција во делот на обновлива енергија во вредност од половина милијарда долари, којашто ќе произведува отприлика 1Tw електрична енергија годишно и дека тоа ќе биде инвестиција којашто ќе биде драјвер и модел како треба во иднина да се движиме,“ изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Министерката за енергетика Сања Божиновска, нагласи дека ова не е еднократна инвестиција, туку долгорочна стратешка ориентација на земјата.
„Оваа инвестиција ќе обезбеди нова енергетска инфраструктура, стабилен систем и директен придонес кон интеграцијата на Северна Македонија во европскиот енергетски пазар. Нашата земја не само што ќе произведува за себе, туку ќе произведува и за регионот,“ рече Божиновска.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, нагласи дека овој проект има повеќеслојно значење.
„Покрај тоа што ќе создаде над 600 локални работни места за време на изградбата, ветерниот парк ќе ја активира и целата инфраструктурна и логистичка мрежа околу него. Ќе се градат нови патишта, ќе се зајакне дигиталната поврзаност и ќе се создадат услови за дополнителни инвестиции,“ рече Николовски.
Коосновачот и управувачки партнер на „Алказар Енерџи Партнерс“, Даниел Калдерон, изјави дека како компанија се горди сме што соработуваат со Северна Македонија на овој историски проект.
„Би сакал да му се заблагодарам на премиерот Мицкоски за неговата континуирана поддршка. Заедно сме посветени на обезбедување долгорочни придобивки за локалните заедници и на поддршка на амбициите за енергетска безбедност на Северна Македонија,“ изјави Калдерон.