„Традиционалната изработка и свирење на гајда“ е впишана на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. Со ова, македонската гајда и официјално е на светската културна мапа, заедно со „Чет’рсе“, „Копачката“, „Гласоечкото пеење“, „Х’дрлез“ и „Мартинките“.
Годинашната номинација е мултинационална, заедно со Република Турција бидејќи тие партиципирале со нивниот тип гајда именуван како „тулум“.
„Македонската гајда, од 5. декември и официјално е на светската културна мапа, заедно со „Чет’рсе“, „Копачката“, „Гласоечкото пеење“, „Х’дрлез“ и „Мартинките“. Ова е многу важен момент за македонската култура, бидејќи по седум години пауза, повторно сме дел од големото семејство на УНЕСКО, во кое нашата земја членува од 1993 година.
Во тој контекст сакам да потенцирам дека од вкупниот број наши впишани нематеријални добра, две се заеднички со Република Турција, тоа се: „Пролетните празнувања на турската заедница од Југоисточна Македонија – „Х’дрлез“, елемент впишан во 2017 година и годинашнава, успешна номинација, на народниот музички инструмент гајда, со која аплициравме како мултинационална номинација, задно со Република Турција, во која нашите турски пријатели партиципираа со нивниот тип гајда именуван како „тулум“, изјави министерот за култура Зоран Љутков.
Според него, гајдата не е само инструмент, туку и приказна која се пренесува низ генерациите.
„Гајдата, со нејзиниот уникатен звук, е симбол на нашиот идентитет, на нашите корени, на нашата традиција и звучен архетип на македонската душа. Таа не е само инструмент, туку и приказна која се пренесува низ генерациите, приказна која обединува, инспирира и ја слави нашата културна посебност.
Тоа што ова културно богатство се најде на листата на УНЕСКО не е само успех за гајдата, ова е успех за целата наша култура. Ова е потсетник за моќта на традициите да ги обединат луѓето и да создадат мостови на разбирање и соработка“, рече тој.
Директорката на Управата за заштита на културно наследство, Весела Честоева рече дека македонската гајда, благодарение на неколкумина професионални музичари од Народниот оркестар на македонската радио-телевизија и од Ансамблот „Танец“, од втората половина на 19 век па наваму, преку семинарите од меѓународен карактер, ги проширија значењето и вештината на свирење македонска гајда на три континенти.
Според советникот за култура и информации во Амбасадата на Турција во земјава, Махир Енес Оздемир, успехот не значи само промовирање на културите на двете земји, туку е и значаен чекор кон дополнително зајакнување на културните врски што двете земји заеднички ги презентираат во светот.
Фото: Министерство за култура