еМагазин
Image default
Канцеларија ТОП СТОРИИ

Канцеларија со душа: Како изгледа канцеларијата на Душан Пецовски, првиот човек на Реплек

Прво нешто што ќе забележите кога ќе влезете во канцеларијата на Душан Пецовски, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Реплек АД Скопје, е безвременската кожна гарнитура.

Не само што е прекрасно парче мебел, истата му е и многу драга, бидејќи е наследство од неговиот починат татко.

-Кога пред две и пол години станав директор и ја добив оваа канцеларија, сакав во просторот во кој поминувам голем дел од денот, да има работи кои се значајни за мене, или подобро речено кои се важен дел од мене. Гарнитурата ја донесов од дома. Беше на мојот татко. Негово беше и бирото кое денеска го користам.

Посебно ми се драги и имам чувство дека е постојано со мене, вели Пецовски.

До една од фотелјите од гарнитурата освен македонското знаме стои и австриското.

-Половина од животот го поминав во Австрија. И приватно и службено сум поврзан со оваа земја. Таму освен германскиот јазик, меѓудругото научив и како се сака една држава, што е дисциплина и ред, вели тој.

Вели дека не правел реновирање на канцеларијата, бидејќи му се поважни други работи – вложување во нови машини, во нови производи и секако најмногу во луѓето.

На работа доаѓа меѓу првите вработени, но денот му почнува многу порано, во 6 часот наутро. Тогаш оди во теретана, па откако го завршува тренингот започнуваат работните активности.

Знае да дојде на работа и за време на викенд, кога нема никој, бидејќи тогаш му доаѓаат најкреативните идеи.

-Просечно поминувам по 12 часа дневно на работа, но се трудам работата да не си ја носам дома и да имам и вистински приватен живот. Недела е секако ден за одмор, вели тој.

Се труди да води здрав живот и во канцеларијата секогаш има свежо овошје и вода.

Во Реплек има менза која работи во три смени, а истата ја користи и тој.

-Често ручам со вработените. Тринаесет години сум во Реплек и вработените не ми се нови лица. Во компанијата се трудам да наметнам деловна политика на „отворена врата“, вели тој.

Пецовски и целиот менаџмент се силно посветени на континуирано унапредување на условите, и посочува дека долгорочно се планира Реплек да добие и градинка, теретана и место за рекреација на вработените.

-Се трудиме нашите луѓе да се чувствуваат убаво на работа и да сакаат да дојдат на работа. Ако нозете те влечат назад во недела вечер, тогаш имате проблем, вели тој.

Ни тој, ни некој друг од менаџментот не користи службено возило. На работа доаѓа со мотор, и неколку години по ред е дел од хуманитарниот мото-хепенинг The Distinguished Gentleman’s Ride, чија цел е подигнувањето на свеста за машкото здравје.

-Јас сум моторџија со пасија, вели тој.

Љубител е и на икони, а една од омилените негови икони е иконата на Светите Седмочисленици. Дел од иконите и светите предмети во неговата канцеларија се донесени од Израел.

На ѕидот позади неговото биро освен примероци на различни производи на компанијата се изложени и бројни награди и признанија кои ги добил Реплек низ годините.

Сите стории од рубриката „Канцеларија“ на еМагазин ОВДЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Проф. Трајковски: Тие што се вакцинирале или допрва ќе се вакцинираат овој месец, ќе имаат највисок степен на заштита пред есенскиот бран

Редакција

ЕУ не стави на „црна листа„ за патување, секоја земја членка сама ќе одлучува како ќе применува одлуката

Редакција

Ако не можеме да ги отвориме вратите заради македонскиот јазик, во ред, нема да ги отвориме, вели Димитров

Редакција