Високата претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, која денеска е во посета на Македонија, на заедничка прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, рече дека за европскиот пат на земјата се уште е во игра планот А, односно усвојување на уставните измени и другите услови предвидени од преговарачката рамка, кои ги наметна Бугарија, а откако беа прифатени од претходната македонска Влада, станаа и европски услов.
Ако тоа не се случи, кажа дека ќе се одело на друг план.
„Јасно е дека сакаме Северна Македонија да се придвижи по патот кон ЕУ, знаеме дека има пречки и разговаравме околу механизми за надминување на пречките. Има простор каде може да направиме нешто, но засега не би навлегувала во детали“, рече Калас и посочи дека патот до членство не е лесен, но дека Македонија треба да остане на истиот.
„Патот до членството не е лесен, но останете на тој правец, преземете ги чекорите кои водат до отворање на поглавјата, а ние како ЕУ ќе и даваме поголема поддршка на Северна Македонија. Напредокот може да е брз, само ако за тоа има политичка волја. Ние веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобар рецепт за мир во регионот“, рече таа.
Мицкоски повтори дека евроинтеграциите треба да се темелат на европски вредности, а не на билатерални прашања и дека европската интеграција останува јасна определба на актуелната влада.
Побара поголемо разбирање од европските земји членки за ситуацијата во која се наоѓа државата на тој пат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За Украина во ЕУ има план Б, за Македонија нема
Фото: Влада