Министерството за внатрешни работи (МВР) реализираше превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ за едукација на повозрасните граѓани кои се најчеста жртва на лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата, така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја, информираат од таму.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во Градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците.
Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Фото: Unsplash