Слабости во планирањето, спроведувањето на програмските активности, управувањето со средства и почитувањето на законската регулатива, што резултира со нецелосно искористување на туристичките потенцијали и ограничен ефект од преземените мерки за промоција и поддршка на туризмот, утврди Државниот завод за ревизија за работата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) за 2023 година.
„Во текот на 2023 година, Агенцијата, има реализирано вкупно 80.379 илјади денари за субвенционирање на организиран туристички промет, промоција и унапредување на туризмот, вклучувајќи учество на меѓународни туристички саеми, спроведување медиумски кампањи на странски пазари, функционирање на АППТ и др.
Анализата на реализацијата на Програмата за промоција и поддршка на туризмот на АППТ за 2023 година покажува нерамномерна распределба и реализација на средствата по програмски компоненти, односно намалување на средствата за клучните функции на Агенцијата – промоција и поддршка на туризмот, за сметка на значително зголемување на средствата за субвенционирање на странски туристички промет.
Овој дисбаланс, особено во делот на маркетинг активностите, негативно влијае врз интернационалната видливост на државата како туристичка дестинација и ја ограничува можноста за зголемување на туристичкиот промет и девизниот прилив.
Од планираните средства за 2023 година субвенционирањето на организиран туристички промет е реализирано со 99,94%, промотивните активности се реализирани 86,41%, додека активностите за поддршка на туризмот се реализирани во обем од 9,96%,“, велат од Ревизија.
Со спроведената ревизија е констатирано дека не се преземени доволно активности за поттикнување на рамномерен туристички развој, особено во туристички неразвиените региони.
Дополнително, недостига анализа за потенцијалите на домашниот туристички пазар, сѐ уште не е воспоставен единствен туристички информационен систем, а соработката со единиците на локалната самоуправа е ограничена и недоволно координирана.
Иако постојат повеќе стратешки документи на различни институционални нивоа, ревизијата укажа и на слаба меѓусебна координација, што доведува до преклопување на активности, фрагментиран пристап и недоволно ефикасно користење на туристичките потенцијали во државата.
„Во рамки на проектот „АБОВЕ“, со вкупен буџет од 167.803 евра (85% ЕУ-финансирање, 15% национално кофинансирање) ревизијата утврди дека АППТ не обезбедила навремена документација и средства за плаќање на сите фактури пред крајниот рок од завршување на проектот (31.12.2023 година), поради што не се повлечени сите средства од ЕУ, а преостанатите обврски во износ од 5.888 илјади денари ќе треба да се подмират од сопствениот буџет, што негативно ќе влијае врз финансиската состојба на АППТ.
Во 2023 година, АППТ евидентирала обврски во износ од 1.830 илјади денари врз основа на договор за медиумско емитување во рамки на проектот „АБОВЕ“, за што не е обезбедена соодветна поткрепувачка документација.
АППТ, склучила договор за јавна набавка во вредност од 1.230 илјади денари за интензивна промоција на туристичкиот потенцијал во рамки на проектот „АБОВЕ“, со цел да се информираат најмалку 50.000 потенцијални туристи преку Google Ads, YouTube, LinkedIn, Twitter и Facebook. Ревизијата утврди отстапување од договорните обврски и укажува на непочитување на процедурите за јавни набавки.
Исто така со ревизијата е утврдено дека иако се изработени апликација за паметни телефони и официјална веб-страница во рамки на проект од прекугранична соработка, истите не се во функција по истекот на периодот за одржување (12, односно 18 месеци). АППТ не презела активности за нивно понатамошно одржување, иако според договорот, релевантната проектна документација треба да биде достапна најмалку до крајот на 2026 година.
Ваквата состојба го доведува во прашање принципот на одржливост и исполнување на договорните обврски,“, велат од Ревизија
Фото: Игор Бансколиев