Сопственикот на Тајм.мк, Игор Трајковски за првпат во интервју за еМагазин зборува за одлуката на дел од порталите да се повлечат од овој агрегатор на вести, како и за новиот производ “Анализа“.
Идејата за Тајм.мк, потекнува од 2008 година, а како што вели Трајковски инспирацијата дошла од Google News, кој во тоа време, а и денес, за жал, нема верзија за Македонија.
-Целта беше да се создаде платформа која автоматски ќе ги анализира вестите од домашните медиуми и ќе ги идентификува главните теми на денот, нудејќи им на читателите брз и организиран преглед.
Во тој период, осум години живеев во странство, во Европа и САД, каде што ги завршував магистерските и докторските студии по компјутерски науки како и ангажман во Google, имав силна потреба да останам во тек со случувањата во Македонија.
Така, паралелно со мојот ангажман како професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – до 2016 година, го развивав и Тајм.мк, како еден вид личен, но и јавен проект, вели тој.
Тајм.мк постои веќе 17 години, а стартуваше со работа на 1. јули 2008 година. Со текот на времето прерасна во една од најпосетуваните платформи во Македонија.
-За да Ви дадам претстава, во работните денови бележиме над 300.000 посети и повеќе од 700.000 прегледи на страници, што покажува дека начинот на агрегирано следење на вести е исклучително популарен кај домашната публика.
Во периоди на исклучителни настани, како во периоди околу избори, или кога има поголеми несреќи како пожарите во Кочани и Тетово, бројот на посети лесно проаѓа и над 600.000, а бројот на прегледи над 2.000.000 дневно, вели тој.

Поголем дел од порталите го напуштија агрегаторот на вести Тајм.мк, но и другите агрегатори, бидејќи за нив преземањето на содржини без надомест е неприфатливо. Ова следи по изгласувањето на Законот за авторско право и сродни права, кој ги обврзува агрегаторите да склучат договори со медиумите за агрегирање содржини со надомест. Ваш коментар?
-Прво, би сакал да појаснам дека не станува збор за поголем дел од порталите. Напротив, значителен број медиуми, вклучувајќи многу релевантни и читани извори, ја продолжија соработката со нас.
Точно е дека одреден број на попосетени информативни сајтови, главно членови на асоцијација OnlineMedia, одлучија да побараат прекин на агрегирањето. Ние ја почитуваме нивната одлука.
Клучно е да се разбере дека новиот закон не наметнува обврска за плаќање надоместок. Законот им дава право на издавачите на вести да побараат надомест за лиценцирање на нивните содржини, што е легитимно.
Меѓутоа, соработката помеѓу два правни субјекта, како агрегатор и медиум, се темели на договорна волја. Не можете со закон да принудите две страни да склучат финансиски договор доколку и двете страни не гледаат заемен интерес во тоа.
Законот остава простор соработката да се дефинира со договор, што вклучува и можност за соработка без финансиски надомест, доколку медиумот процени дека добива вредност од агрегаторот – како што е пристап до поширока публика, зголемен сообраќај, градење на брендот и поголема релевантност во пребарувачи (линковите од агрегаторите го подобруваат SEO-сигналот).
Во јавноста често се провлекува наративот дека агрегаторите „паразитираат“ на медиумите, но ретко се зборува за двонасочната вредност. Агрегаторите носат нова публика кон сајтовите, ги промовираат нивните вести пред читатели кои можеби никогаш не би ги посетиле тие медиуми директно.
Ние функционираме како дистрибутивен канал кој ја зголемува видливоста и досегот на нивните вести. За многу помали или специјализирани медиуми, ова е клучен начин да допрат до поширок круг на читатели. Исто така, водењето на софистициран агрегатор не е едноставна задача. Тоа вклучува големи технолошки и инфраструктурни ресурси – развој и одржување на сложени алгоритми за препознавање, групирање и рангирање на вести, прецизно откривање дупликати и злоупотреби, управување со серверска инфраструктура која може да обработи милиони прегледи дневно, како и постојана борба со технички предизвици и правни регулативи.
На крај, важно е да се напомене дека Тајм.мк, со своето 17-годишно постоење, е многу повеќе од обичен агрегатор на вести. Низ годините сме нуделе и сè уште нудиме голем број на функционалности кои се единствени во државата, како што се детална архива на вести која служи како хроничар на современата македонска историја, тематско следење на настани низ годините, како и разни сервисни информации. Нашата цел отсекогаш била да бидеме корисна алатка за граѓаните, а не само пасивен пренесувач на содржини.
Дали имавте средба со претставниците на порталите?
-Да, одржавме состанок со претставниците на порталите на кој отворено и транспарентно ги изложивме нашите ставови. Нашата основна позиција е дека соработката помеѓу агрегаторите и медиумите ја сметаме за партнерство со двострана корист.
Ние им помагаме на медиумите да допрат до поширока публика, а тие нам ни помагаат да понудиме квалитетна и сеопфатна содржина на нашите корисници.
Потенциравме дека двете страни имаат заеднички интерес од оваа симбиоза и дека ќе продолжиме да соработуваме со сите медиуми кои ја гледаат соработката на овој начин.
На состанокот посочивме и примери од други држави каде што појавата и работата на агрегаторите докажано ја зголемува вкупната посетеност на сајтовите за вести, наспроти тврдењата дека таа се намалува.
Продискутиравме и неколку предлог-модели за идна соработка, но на лице место заеднички утврдивме дека предлозите се технички комплицирани за изведба на начин кој не би бил подложен на манипулации. Поради тоа, се договоривме тие да одржат интерен состанок и да излезат со конкретен и остварлив предлог-модел за тоа како ја замислуваат идната соработка.
Иако помина речиси еден месец оттогаш, ние сè уште не сме добиле никаков официјален предлог од нивна страна.

Периодов на Тајм.мк освен вести од Македонија се додадени и вести од регионот. Што е целта на овој потег?
Идејата да понудиме регионален преглед на вести постои речиси од самото основање на Тајм.мк. Отсекогаш сме сакале на едно место да ги агрегираме не само медиумите од Македонија, туку и релевантните медиуми од регионот и светот. Меѓутоа, технологијата за обработка и разбирање на природни јазици (NLP) тогаш не беше на денешното ниво.
Денес, со напредокот на вештачката интелигенција, можеме со голема прецизност автоматски да детектираме кога медиуми од различни држави обработуваат иста тема, иако текстовите се напишани на различни јазици. За нашите системи, јазикот на кој е напишана информацијата стана спореден фактор.
Ова ни овозможи да им понудиме на читателите уникатна можност – да видат како регионалните медиуми известуваат за теми кои се актуелни и кај нас.
Важно е да се нагласи дека регионалните медиуми немаат никакво влијание врз рангирањето и видливоста на темите на насловната страница на Тајм.мк. Тие служат како дополнителен извор и контекст за веќе детектираните топ-теми во Македонија. Заедничките теми како балкан, свет, економија, технологија, спорт и магазин се универзални и регионалната перспектива е секогаш добредојдена.
Свесни сме дека реакциите на корисниците се поделени. На некои читатели оваа функционалност им се допадна исклучително многу, бидејќи им го проширува спектарот на извори, додека на други им пречи поради јазичната бариера.
Затоа, наскоро планираме да воведеме персонализиран приказ, каде што корисниците ќе можат да изберат верзија на сајтот која воопшто нема да прикажува регионални медиуми. На тој начин, се надеваме дека ќе ги задоволиме потребите на сите наши читатели.
Дали одлуката на дел од порталите влијаеше на работата на Тајм.мк и неговата посетеност?
-Можеби звучи контраинтуитивно, но откако дел од медиумите здружени во OnlineMedia ја напуштија платформата, и по медиумското внимание што се создаде околу тоа, посетеноста на Тајм.мк се зголеми.
Искрено, не можеме со сигурност да кажеме која е единствената причина за овој раст. Можно е тоа да е комбинација од повеќе фактори.
Една можност е дека негативната кампања насочена кон нас предизвика спротивен ефект и го зголеми интересот и љубопитноста кај публиката.
Втора можност е дека новите функционалности кои ги воведовме, мотивирани токму од новонастанатата криза, привлекле нови корисници.
Трета, и исто така веројатна причина, е што дел од другите агрегатори престанаа да работат, па нивните корисници, кои преферираат таков начин на информирање, се префрлија кај нас. Веројатно вистината е некаде помеѓу овие три претпоставки.
На Тајм.мк веќе функционира и нов ваш производ – „Анализа“, кој е направен со вештачка интелигенција. Може ли да ни кажете нешто повеќе?
-Да, „Анализа“ е производ кој исто така го планиравме долго време, но сегашниот технолошки напредок и зголемениот мотив да го унапредиме сајтот го забрзаа неговиот развој.
Главниот мотив зад овој производ е решавање на еден од клучните проблеми на модерното новинарство – фрагментацијата на информациите.
Голем број вести денес се парцијални; тие пренесуваат само изјава на поединец, изолиран факт или дел од настанот, но ретко ја даваат целосната слика.
Отсекогаш сакавме да им овозможиме на читателите, со еден клик, да добијат сумиран преглед на целата тема. „Анализа“ го прави токму тоа: ги анализира сите вести во рамки на една тема (кластер) и со помош на голем јазичен модел (Large Language Model) генерира кохерентен текст.
Целта е во еден кус текст читателот да ги добие клучните информации за настанот, можните причини, фактичката состојба и потенцијалните импликации. Дополнително, поврзувањето на регионалните медиуми со Тајм.мк носат дополнителни информации кои се користат во “Анализите”.
Сепак, мораме да бидеме целосно транспарентни. Технологијата се базира на јазични модели кои, иако се исклучително напредни, имаат инхерентна можност да „халуцинираат“, односно да измислат факти.
Иако во огромното мнозинство на случаи, би рекле над 99%, генерираните анализи се точни и прецизни, постои тој 1% ризик од грешка. Затоа, кон овој производ пристапуваме со голема претпазливост.
Над секоја генерирана анализа стои јасно известување дека текстот е креиран со вештачка интелигенција, дека може да содржи грешки и дека треба да се користи со доза на резерва. Сметаме дека одговорната иновација подразбира и едукација на корисниците за можностите, но и за ограничувањата на новата технологија.