Македонски тим од ФЕИТ со награда за најдобар научен труд за модел на вештачка интелигенција на македонски јазик

Студенти и истражувачи од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ/УКИМ) освоија награда за најдобар научен труд со наслов „Towards Open Foundation Language Model and Corpus for Macedonian: A Low-Resource Language” на меѓународната конференција „Slavic NLP Workshop“, одржана во рамки на 63-тото издание на една од најпрестижните светски конференции за обработка јазик – ACL (Association for Computational Linguistics) во Виена, Австрија.

Стефан Крстески, Борјан Саздов и Матеа Ташковска, под менторство на професорите Бранислав Геразов и Христијан Ѓорески, со овој труд направија значаен придонес кон дигитализацијата и технолошкиот развој на македонскиот јазик и на Вештачката Интелигенција (ВИ) во Македонија.

Во рамки на истражувањето беа развиени четири клучни ресурси: голем јазичен ВИ модел (анг. LLM) специјализиран за македонски јазик најдобар во својата категорија – domestic-yak-8B, потоа најголемиот јавно достапен текстуален корпус за македонски јазик, множество инструкции на македонски јазик за развој на големи јазични модели и систем за евалуација на перформансите на јазичните модели на македонски јазик.

Овие ресурси се јавно достапни на веб-страницата www.lvstck.org и претставуваат прва отворена инфраструктура за развој на големи јазични модели и апликации базирани на вештачка интелигенција на македонски јазик. Овие ресурси може да се користат како основа за понатамошни истражувања, развој на македонски јазични алатки и нивна примена во различни сфери и апликации.

Овој успех претставува меѓународно признание за македонските истражувачи и чекор кон дигитална иднина во која македонскиот јазик добива поддршка и видливост во глобалниот развој на јазични технологии и вештачка интелигенција.

ACL е водечка глобална конференција во областа на обработка на природен јазик, со традиција од 63 години. “Slavic NLP” Workshop, која оваа година го одбележа своето десетто издание, е посветена на истражувања од областа на обработка на сите словенски јазици.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести