Поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по задолжение за отстранување на истите, Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека е донесена одлука за привремено запирање на работата на приватната висока стручна школа – Факултет за бизнис економија во Скопје.
Нерегуларностите, како што информираат од таму, се констатирани од страна на посебна комисија во рамки на МОН за вршење надзор над законитоста во работењето, а одлуката за времено запирање на работата на оваа приватна високообразовна установа е донесена и врз основа на мислење од страна на Одборот за акредитација на високото образование.
-На Факултетот за бизнис економија нема запишани нови студенти во академската 2025-2026 година.
Кон веќе запишаните студенти, високообразовната установа ќе ги исполни обврските предвидени во Законот за високо образование со цел овозможување непречена понатамошна едукација, односно префрлање на други факултети, посочуваат од таму.
Во изминатите 15 месеци затворени се и 14 приватни научни институти, од кои дел поради неактивност, а дел поради неисполнување на условите за работа.