Во Скопје се одржа Регионалната школа за срцева слабост, настан кој обедини врвни професори и експерти од Европа со цел размена на знаење и најнови практики во областа на кардиологијата.
После завршување на две годишната школа за срцева слабост во Лондон која е под раководство на проф. Томас Лушер, доц. Д-р Тања Анѓушева ја донесе регионалната школа за срцева слабост и во нашата земја и како член на Македонското здружение по кардиологија заедно со претседателот Јорго Костов и организациониот одбор ја организираа реализацијата на школата.
Регионалната школа по срцева слабост беше подржана од Асоцијацијата за срцева слабост (Heart Failure Association – HFA) и реномираните центри London Heart House и Zurich Heart House кои неколку децении наназад традиционално ја одржуваат оваа школа. Истата е акредитирана и во Европскиот Акредитациски совет за континуирана медицинска едукација.
Клучни предавачи на школата беа еминентниот професор Томас Ф. Лушер претседател на Европското здружение по кардиологија, проф. Марко Метра претседател на Европската асоцијација за срцева слабост, проф. Петар Сеферовиќ поранешен претседател на Европското здружение по кардиологија, проф. Јакопо Оливото, лидер во третманот на хипертрофичната кардио-миопатија, проф Филипо Креа одговорен за едитирање на стручни списанија при Европското здружение, проф. Јадранка Стојановска лидер во Магнетната дијагностика и многу други страни и домашни предавачи.
Клиничката болница Жан Митрев имаше активно учество преку предавањето на доц. д-р Тања Анѓушева, специјалист по интерна медицина супспецијалист по кардиологија, кoja e еден од и директорите на Школата. Експозето на доц. д-р Анѓушева беше на тема „Справување со акутна срцева слабост“ во сесијата наменета за Акутна и напредна срцева слабост. Свое учество имаше и проф. д-р Милка Клинчева, специјалист по интерна медицина, супспецијалист по кардиологија на тема „Магнетната резонанца на срце во дијагностика на срцевата слабост“.
Конференцијата дополнително ја збогатија и предавачи од Велика Британија, Германија, Швајцарија, Италија, Турција, Холандија, Словенија, Шведска, Норвешка, Србија и Бугарија, кои со 250 кардиолози како присутни споделија искуства и најнови сознанија, отворајќи нови перспективи за третман и истражување. На школата имаше пријавено слушатели и од Холандија, Италија, Турција и Грузија.
Со оваа презентација, болницата уште еднаш ја потврди својата определба за постојана едукација и следење на современите трендови во медицината.
Клиника Жан Митрев е поддржувач на вакви меѓународни настани и конференции, затоа што верува дека соработката со водечките европски кардиолози и размената на искуства се клучни за унапредување на здравствената грижа во Македонија.







