Бојан Јовановски – Боки-13 доби пет години затвор за случајот „Меѓународен сојуз”

Бојан Јовановски – Боки-13 доби пет години затвор во повторената судска постапка за случајот „Меѓународен сојуз”. Според првостепената пресуда тој во април 2022 година доби казна од девет години.

Тој од страна на Основниот кривичен суд е прогласен за виновен за кривичните дела „измама“ и „перење пари”.

Јасна Ерцеговиќ пак е казнета со две години затвор. Таа е прогласена виновна за делото „перење пари”, а во нејзината казна се пресметува и периодот кој го поминала во домашен притвор. Според првостепената пресуда таа доби четири години затвор.

Христина Блажевска доби условна затворска казна од една година. Според првостепената пресуда таа доби една година затвор. Таа е прогласена за виновна за делото „перење пари”. Истата нема да се спроведе доколку во период од три години таа не стори ново кривично дело.

И таткото на Јовановски, Миле Јовановски за „перење пари”, доби иста уловна казна, а според првостепената пресуда тој доби условна казна од две години.

Правното лице „Меѓународен сојуз” пак е санкционирано со парична глоба од еден милион денари.

Во првичното судење Фросина Ташевска Ременски и Христина Блажевска беа ослободени од обвинението за „измама“, а правното лице „Меѓународен сојуз“ исто така беше казнето со еден милион денари.

Случајот се однесува на организирана криминална активност поврзана со измама и перење пари преку невладината организација „Меѓународен сојуз”, предводена од Бојан Јовановски.

Обвинението се однесуваше за финансиски злоупотреби, при кои се собирале средства од физички и правни лица под изговор за изградба на домови за стари лица и социјални проекти.

Фото: Фејсбук/Јовановски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести