Премиерот Христијан Мицкоски, Извештајот за проширувањето на Европската унија (ЕУ) за Македонија денеска го оцени како добар, иако како што вели има стагнација во неколку области како владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата.
„Нон-стоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет и во Обвинителството. Сега по завршувањето на изборите многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема. Во сите други области има одреден мал напредок или значителен напредок,“ рече Мицкоски.
За барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, што е услов Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, вели дека ако направиме тоа тогаш ќе бидеме најдобри, ама ќе добиеме ново вето.
„Тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони, фронтранери, па потоа ќе добиеме ново вето и нови проблеми,“ додаде тој.
Во однос на подготвеноста на државите во регионот за влез во ЕУ, тој оцени дека Црна Гора е најподготвена, на второ место сме биле ние и Србија, па потоа Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.
„Јас апсолутно сум фокусиран на реформите, оваа влада е реформска и ме охрабруваат пораките за реформите во делот на економијата, борбата против перењето пари, воведувањето заеднички платежен систем, царина, роаминг фри. Тоа ќе биде имплементирано така што има многу работи кои треба да се пофалат и тоа ме охрабрува“, додава тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Влада














