Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со членовите на интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции на денешната прес конференција во Владата ги соопшти првичните наоди од анализата која ја спроведе комисијата по доставени пријави од граѓани и здравствени институции.
– Од првиот ден се водиме од начелото на транспарентност и отчетност и токму затоа изминатиот период презедовме повеќе мерки за анализа и утврдување на состојбите, за да можеме денес пред вас да излеземе со првите резултати од работата на комисијата. Комисијата испорача објективни резултати, врз основа на професионално, научно и независно спроведен процес.
Од доставените 25 случаи, од кои комисијата утврди дека 6 од случаите треба да се испратат до ДСЗИ, бидејќи таа не е надлежна, анализирани се 19 случаи од кои кај 10 случаи комисијата утврди дека се непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, истакна министерот Алиу.
Претседавачотот на комисијата Жарко Христовски појасни дека работата на комисијата е прецизирана како анализа на податоци за пациенти кои биле упатени или оперирани од коронарна и периферна васкуларна болест во сите јавни и приватни здравствени установи со соодветна дејност.
Овој случај се отвори по изјавата на кардиологот Сашко Кедев, кој во интервју за Канал 77, рече дека кај нас непотребно се оперираат кардиолошки пациенти, заради профит на приватни здравствени установи.
На денешната прес-конференција не соопштија кои се тие клиники каде што се оперирало непотребно, како што посочија, од етички причини.
Фото: Unsplash














