Во неколку часовна посета на Македонија синоќа беше германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, кој беше на кратка турнеја по земјите од Западен Балкан.
Тој се сретна со македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот македонски колега Тимчо Муцунски, а по средбите немаше изјави и прес-конференција.
Мицкоски за средбата информираше на Фејсбук, а во објавата напиша дека разговарале за “продлабочување на соработката меѓу двете земји, тековните регионални предизвици и можностите за нови заеднички иницијативи“.

За Муцунски пак средбата била уште една потврда за важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а “особено на нашата држава“.
„Воедно, ова е јасен сигнал за силната германска поддршка на нашата европска перспектива“, напиша тој на Фејсбук, посочувајќи дека се разговарало и за “евроинтегративниот пат на државата, тековните реформски процеси и континуираната германска поддршка за интеграција на регионот во европското семејство“.
Вадефул, според Муцунски уште еднаш уверил дека Германија останува силен поддржувач на земјите од Западен Балкан, “истакнувајќи дека европската интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа“.
Истиот ден пак во Софија, Бугарија, беше германскиот државен министер за Европа, Гинтер Крихбаум.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Влада/МНР













