Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествува на Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст во Тирана, Албанија, од каде што порача дека за Македонија, Планот за раст е многу повеќе од иницијатива, потенцирајќи дека сме првата земја од регионот што го операционализираше Инструментот за реформи и раст и првата што доби пред-финансирање согласно Планот.
„Нашата порака денес е едноставна, но цврста: Македонија исполнува. Не реформираме затоа што тоа се очекува од нас, туку реформираме затоа што веруваме во европската идеја. Ние ја градиме Европа дома со нашите политики, со нашите дела и со нашите вредности.
Сега очекуваме од нашите партнери истото, правичен, меритократски пристап кој ги наградува резултатите и ја препознава посветеноста,“ рече Мицкоски во своето обраќање.
Тој побара партнерите да нè оценуваат според мерит систем, а не според билатерални прашања.
„Доволно долго сме во овој процес, повеќе од 25 години, 20 години откако сме земја кандидат и навистина тоа што ние го доживеавме попатно не би сакал никој друг да го доживее. Но, очигледно е дека кога еднаш ќе воспоставите некој исклучок како правило тоа станува правило и понатаму и другите земји членки можат да се повикаат на тој исклучок кој што претходно е воспоставен и да прерасне како правило.
Така што навистина не гледам повеќе суштина ако билатералните проблеми и билатералните спорови се тие кои што одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки во рамките на ЕУ.
За мене суштината која што ја гледам е испораката, реформите, чекорите кои што ги исполнуваат. И се додека тоа е врз системот на испорака, тогаш апсолутно ние како држава ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ние ќе бидеме тие кои што први ќе стигнат до конечната цел,“ одговори Мицкоски на новинарско прашање.
Фото: Влада













