Годишна конференција под наслов „Recode Reality“ ќе одржи стопанска комора на ИКТ-индустријата МАСИТ. Темата на конференцијата на 3 декември, носи силна порака, односно потреба од редефинирање на улогата на технологијата во општеството, бизнисот и секојдневието.
„Македонија има солидна телекомуникациска инфраструктура и стабилна интернет-покриеност, но дигиталната инфраструктура не е само технологија, тоа е и институционален и човечки капацитет. Тука имаме најмногу работа,“ вели претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски.
На конференцијата ќе учествуваат реномирани домашни и странски говорници, компании, претставници од институциите и бројни партнери, а се очекува дека ќе се разговара за конкретни предлози и партнерства и дека ќе се опфатат теми за дигитална инфраструктура и телекомуникации, вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и дигитални вештини.
„Целта во наредните три години е јасна, мораме да имаме конкретни резултати во дигитализацијата, подобра регулатива и силни политики за поддршка на технолошкиот сектор, во партнерство со институциите на државата,“ додава Димитровски.
Според него, голем потенцијал за развој е процесот на дигитализацијата, но тука се потребни суштински реформи.
„Македонија има добра техничка основа, но целосната дигитализација бара поврзани системи, отворени податоци и функционални е-сервиси. Она што треба да го научиме од соседите е дека државата може да биде катализатор, а не само регулатор на дигиталниот развој. Регионалната соработка е клучна ако сакаме да бидеме конкурентни во Европа,“ потенцира Димитровски.
МАСИТ оваа година ја одбележува 25-годишнината од своето постоење и планира да ја зајакне својата улога како стратешки партнер на државата и бизнис-заедницата, со фокус на унапредување на јавните политики и застапување на интересите на ИКТ-индустријата, интернационализација и подобро регионално позиционирање како и поддршка за иновации, вмрежување и пристап до донаторски и европски фондови.














