Специјализираниот портал Извоз.мк ја издаде шестатa по ред специјална едиција ТОП 100 извозници, единствената публикација што ги рангира најголемите и најуспешни извозни компании во Македонија.
Целта на изданието е да ја истакне улогата и значењето на извозните компании, да промовира успешни практики и стратегии, и да ја зголеми свесноста за значењето на извозот како двигател на економскиот раст, конкурентноста и развојот на државата, особено за мала економија како македонската, посочуваат од таму.
Според најновото издание, вкупната вредност на извозот на 100. најголеми извозни компании во 2024 година изнесува 5,83 милијарди евра, што претставува намалување од 6,5% во споредба со претходната година, кога биле остварени 6,2 милијарди евра извоз.
Вкупните приходи на најголемите 100 извозни компании лани достигнале 7,8 милијарди евра, што е намалување од 3,6% на годишно ниво.
Најголемите 100 извозници создааваат дури 74% од вкупниот извоз на државата, што ја потврдува стратешката важност и значењето на овие компании за националната економија, велат од таму.
Индустријата за автомобилски делови доминира на листата 100 најголеми извозници со 20 компании, кои во 2024 година оствариле вкупен извоз од 3,65 милијарди евра, што е пад од 11,9% во однос на 2023 година. Овие компании создаваат 46,3% од вкупниот извоз на државата во 2024 година. Тие лани работеле со профит од 89,3 милиони евра и вработувале 34.165 лица.
Индустријата за храна и пијалоци е најбројна на листата 100 најголеми извозници со 21 компанија, кои во 2024 година оствариле вкупен извоз од 229 милиони евра, раст од 17,1% во споредба со 2023 година. Најбројни меѓу големите извозници на храна се компаниите од кондиторската индустрија и индустријата за преработка на овошје и зеленчук.
Во 2024 година, 100-те најголеми извозни компании од Македонија вработувале близу 56 илјади лица. Од најголемите 20 работодавачи, дури 15 се од автомобилската индустрија, што уште еднаш ја потврдува нејзината доминантна улога и големата изложеност на македонската економија, кон една конкретна индустрија.
Вкупниот профит на ТОП 100 извозници изнесувал 410 милиони евра во 2024 година, раст од 13,4% во однос на претходната година.
„Во годинешното издание по трет пат го објавуваме прилогот – Кој е кој во транспортот и логистиката во Македонија. Во прилогот ги рангираме најголемите и најпрофитабилни компании во транспортот, логистиката и шпедицијата, бидејќи во време на неизвесност, фрагментација и прекинати синџири на снабдување, стабилен и сигурен логистички партнер претставува клучна конкурентска предност во глобалната економска трка.
Повеќе инормации за едицијата „ТОП 100 извозници 2025” можете да прочитате тука,“ се вели во соопштението.














