Амбасадорот на Швајцарија, Зомер, во посета на ТИТАН Усје: Размена на искуства и добри практики за циркуларната економија

Најновите практики во циркуларната економија и напредните системи за управување со отпад беа во фокусот на посетата на Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија во земјава. ТИТАН Усје е еден од пионерите во земјава во примена на принципите на циркуларната економија и континуирано инвестира во нејзино унапредување. Амбасадорот Зомер имаше прилика да се информира и за процесите за декарбонизација, како и за активностите што компанијата ги реализира во насока на зелена и одржлива транзиција на индустријата.

Главниот извршен директор Константинос Николау ги презентираше искуствата на компанијата и напредните технологии во користењето на алтернативни горива од фракции од отпад и иновациите што се дел од секојдневните операции на ТИТАН Усје.

„Како членка на меѓународната групација ТИТАН, одржливоста во компанијата се негува како суштински дел од нашиот идентитет и корпоративна култура. Наш приоритет е имплементирање на најдобрите практики и иновативни решенија во областа на декарбонизацијата и управувањето со отпадот. ТИТАН Усје е една од првите компании во земјата која ги примени принципите на циркуларната економија, а истовремено постојано работиме на нивно унапредување. 

Оваа посета е можност за зајакнување на партнерствата, но и за поголема соработка и размена на искуства кои придонесуваат кон подобра животна средина и одржлива иднина. Ние сме подготвени да ги споделиме нашите искуства и да помогнеме што повеќе ентитети да започнат со примена на овие принципи, бидејќи така општеството ќе има поголеми придобивки“, потенцира Николау.

Во рамките на посетата беше презентирана и постројката за алтернативни горива, една од првите од овој вид во земјата. Употребата на алтернативните горива во голема мерка придонесува за поголема декарбонизација во земјата.

Користењето на отпад и преработки од отпад како алтернативно гориво во цементната индустрија е светски потврдена праска коjа се применува повеќе од  50 години во ЕУ и САД. Во моментов над 40% од енергенсите што се користат во цементната индустрија во Европската унија и другите земји  доаѓаат од алтернативни горива кои потекнуваат од отпад. При посетата, амбасадорот Зомер ги истакна искуствата од оваа област во Швајцарија и истакна:

„Примената на нови технологии базирани на принципот на одржливост мора да биде приоритет. Токму циркуларната економија и практиките кои се применуваат во рамките на овој концепт се одлична основа за суштинска промена во начинот на водење на бизнисите и во начинот на живот. Во мојата земја овие практики имаат широка примена и навистина ми е драго што гледам дека постојат и тука иницијативи, што упатува на можност за соработка за поголем напредок“.

Компанијата ги презентираше инвестициите направени во модернизација, дигитализација и иновативни процеси, кои овозможуваат зголемена енергетска ефикасност, намалена потрошувачка на ресурси, како и значително редуцирање на емисиите на CO₂. Амбасадорот Зомер ја поздрави посветеноста на компанијата на принципите на одржливост и нејзината улога во промовирањето на еколошки одговорни индустриски стандарди во земјата.

ТИТАН УСЈЕ, која годинава одбележува 70 години постоење, континуирано инвестира во напредни технологии и системи за оптимизација. Годинава компанијата ја доби и највисоката меѓународна потврда за управување со отпад – Zero Waste to Landfill Platinum Certificate.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести