Фестивалот на креативен документарен филм со настанот „Зимски МакеДокс“ ќе гостува во програмата на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, што од 3 до 10. декември ќе се одржи во МКЦ и во Кинотеката.
Од 5 до 7. декември, во рамки на програмата на 24. „Синедејс“, ќе биде прикажан избор на долгометражни победници од 16. издание на фестивалот „МакеДокс“.
Програмата на „Зимски МакеДокс“ е составена од три наградени документарни остварувања. На 5. декември, во 19 часот, во МКЦ – Денсинг сала, ќе биде прикажан филмот „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар. Влезот на филмот е слободен.
Басел Адра, млад палестински активист од Масафер Јата, уште од детството се бори против масовното протерување на неговата заедница од страна на израелските окупатори. Басел го документира постепеното бришење на Масафер Јата додека војниците уништуваат семејства и нивните домови – најголемиот присилен трансфер во историјата на окупираниот Западен Брег.
Патиштата на Адра се вкрстуваат со оние на израелскиот новинар Јувал, кој му се приклучува во борбата и тие заедно се борат против прогонот и се зближуваат. Нивната сложена врска е во сенка на екстремната нееднаквост која ги раздвојува: Басел, кој живее под брутална воена окупација, и Јувал, кој е слободен и неограничен. Овој филм, направен од здружен палестинско-израелски колектив од четворица млади активисти, е снимен во најмрачните и најзастрашувачки времиња во регионот и претставува чин на креативен отпор кон Апартхејдот и потрага по патот кон еднаквоста и правдата.
Документарниот филм „Ниедна друга земја“ на 16. „МакеДокс“ ја доби Наградата за најдобри етички идеи и Посебно признание од жирито за наградата „Млад кромид“ со образложение: „Жирито ја објавува оваа посебна награда со тешко срце и длабока почит. Ова не е само филм за еден од најголемите злостори на нашето време – тој е и сведоштво за храброст.
Да се уловат тие слики додека се пука, да се исцртаат нежни портрети на пријателство среде насилство, да се продолжи со снимање дури и кога молкот е побезбеден… ова е документаризмот во неговата најсуштинска форма. Ова е приказна за истрајноста, за човечките врски што одбиваат да бидат раскинати, и за храброста што се спротивставува на силите на угнетувањето додека светот го врти погледот – додека се одвива геноцид врз палестинскиот народ.“
На 6. декември, во 21 часот, во МКЦ – Денсинг сала, ќе биде прикажан филмот „Фиуме или смрт!“ на Игор Бежиновиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
На 12. септември 1919 г., трупа од триста војници под водство на ексцентричниот обожавател на војни, италијанскиот поет Габриеле Д’Анунцио, се провлекува во севернојадранскиот пристаништен град Фиуме, денешна Риека, со намера да го анектира градот кон Италија.
Во текот на следните 16 месеци, во историски најбизарната воена окупација на сите времиња, фото-тимот на Д’Анунцио направил над 10.000 фотографии. Век подоцна, филмаџијата Игор Бежиновиќ, родум од Риека, заедно со околу триста граѓани, одржува лекција по историја на самото место, чиј фокус се окупацијата и нејзините последици во денешнината. Учеството на заедницата во историското оживување не само што ги ревидира фактите и легендите, туку и покажува општествена контратежа на окупациската агенда на Д’Анунцио.
Резултатот е сурово фотографско, а сепак неодоливо панкерско филмско патување, кое истовремено е убедливо сериозно и неверојатно смешно.
Документарниот филм „Фиуме или смрт!“ ја доби наградата „Млад кромид“ за најдобар филм од млад автор со образложение: „‘МакеДокс’ е фестивал посветен на креативноста во документарниот филм. Чествуваме едно дело што го отелотворува тој дух – филм што се осмелува да си игра, да провоцира, да се смее во лицето на темнината. Преку хумор и забава, тој се соочува со застрашувачкото враќање на фашизмот, разобличувајќи го токсичното кредо: ‘Ако не си со нас, тоа значи дека си против нас’.
Авторот вдахнува живот во старите фотографии со современи алатки, како што е вештачката интелигенција, оживувајќи сеќавања и емоции од минатото. Ликовите и нараторите се менуваат на разигран начин, локалната заедница учествува со автентичност, а целата приказна се развива низ призмата на сатирата. Филмот е инвентивен, смел и жив.“
На 7. декември, во 20 часот, во Кинотеката на РСМ, ќе биде прикажан документарниот филм „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
Мнозинството следбеници на дервишкиот ред бекташи во Канатларци, калливо и тутунарско село во Северна Македонија, ја гледаат Ајтен како мајчинска фигура, која се труди да им даде поддршка исто како што им дава и на своите две деца и четири внучиња. Нејзиниот сопруг Ердоган е дервишки свештеник од највисок ранг во нивниот локален храм. Оваа вредна двојка покажува како еднаквоста цвета таму каде што најмалку се очекува – во рурална заедница на муслимани посветени на религијата, семејството и традицијата во еден од најсиромашните делови на Балканот.
Документарниот филм „Земја и крилја“ ја доби главната награда „Кромид“ на 16. „МакеДокс“ за „прецизноста на избраната дистанца, измерена со извонредна грациозност; за откривањето на една невидена страна на македонското општество; за прекрасната кинематографија што се движи со тивка и маѓепсувачка намера; и за изненадувачката перспектива за родовата еднаквост во една рурална заедница“.
Промотивна објава














