Влог во иднината на фармацијата: На својот 80-годишен јубилеј „Реплек“ донираше милион денари за модернизација на Фармацевтскиот факултет

Следејќи ја определбата за унапредување на фармацевтската наука и професија, „Реплек“, во годината во која го одбележува својот 80-годишен јубилеј, донираше 1.000.000 денари за обнова на Фармакоинформативниот центар на Фармацевтскиот факултет при УКИМ во Скопје, информираат од таму.

Средствата ќе бидат наменети за реконструкција и модернизација на компјутерската училница на факултетот во којa е сместен и Националниот фармакоинформативен центар, со што „Реплек“ ја продолжува својата традиција на инвестирање во знаењето и во иднината на фармацевтскиот сектор.

За компанијата оваа донација има и едно друго, сентиментално значење, а тоа е фактот што пред триесетина години, во далечната 1996 година, токму „Реплек“ донираше средства за изградба на зградата бр.1 на Фармацевтскиот факултет, овозможувајќи значајно подобрување на условите за настава и за научноистражувачка работа. Денешната донација го надградува тој процес, потврдувајќи ја определбата на „Реплек“ да вложува во подобрување на условите за учење и за изведување практична настава кај студентите, посочуваат од таму.

Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“, нагласи дека овој придонес е продолжување на партнерството што компанијата го гради со Фармацевтскиот факултет.

„Осум децении ‚Реплек’ расте заедно со заедницата и со институциите кои ја создаваат иднината на фармацијата. Израснавме во современа компанија која во своите процеси користи напредни технологии, дигитални алатки и вештачка интелигенција. Затоа и сме убедени дека оваа инвестиција во знаење и во подобри вештини на идните генерации фармацевти ќе го движи развојот на науката и ќе придонесе за подобро здравје на заедницата. Очекуваме дека ова плодно партнерство ќе продолжи и во наредните 80 години“, изјави Пецовски.

На настанот за примопредавање на чекот за донацијата, деканот на Фармацевтскиот факултет Скопје, проф. д-р Зоран Стерјев.

„Соработката со ‚Реплек’ е пример за вистинско партнерство меѓу индустријата и науката. Вложувањето во модернизација на Фармакоинформативниот центар ќе ги подобри условите за настава и практична работа и ќе овозможи размена на искуства и практики, што е клучно за квалитетна едукација на идните фармацевти. Компанијата „Реплек“- која веќе остави траен белег во историјата на нашиот факултет – и натаму останува наш посветен партнер“, порача Стерјев.

Претседателот на Факултетското студентско собрание на Фармацевтскиот факултет, Бојан Георгиев, нагласи дека за студентите оваа донација значи пристап до подобри услови за студирање и професионален развој.

„Поддршката од ‚Реплек’ е важен сигнал и до другите компании да инвестираат во младите професионалци и активно да придонесуваат за образованието“, рече Георгиев.

Обновениот Фармакоинформативен центар ќе прерасне во современ, динамичен и инспиративен простор, кој ќе биде поддршка за студентите да учат, експериментираат и професионално да се надградуваат.

Дополнително, „Реплек“ донираше и мантили за лабораториска работа на новата генерација млади фармацевти, поддржувајќи го нивниот професионален почеток и иднина во фармацијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести