Одбраната на обвинетите обезбедувачи во т.н. дискотека “Пулс“ на денешното рочиште меѓ друго посочи дека обвинението за нив е неосновано, без конкретни докази, подвлекувајќи дека дел од нив имале ограничени задачи и не можеле да спречат внес на пиротехника, која беше причината за пожарот.
И тие кажаа дека пожарот е резултат на институционални пропусти и недостиг на надзор.
Адвокатот на обвинетиот Јане Јанчевски, директорот на агенцијата за обезбедување “Рубикон“, која ја обезбедуваше „Пулс“, Јовица Страшевски, меѓу друго кажа дека за неговиот клиент нема докази и побара тој да се ослободи од обвинението.
Бранителот на обвинетиот обезбедувач Лазар Захариев, Зоран Зафировски, меѓу друго кажа дека и неговиот клиент претрпел сериозни последици од трагичниот настан. Тој повеќе од три часа извлекувал деца и посетители од т.н. дискотека, сè до моментот кога немало веќе кого да спасува, по што завршил на болничко лекување со нарушено здравје.
Според него Захариев имал обврска само за патролно обезбедување и пристигнал во објектот два часа по настапот на групата ДНК, со што немал можност да види што се внесува во дискотеката, а Захариев, кажа дека му било криво што не успеал да спаси повеќе животи.
Адвокатот на обвинетиот обезбедувач Ивица Грозданов, Ѕвонко Давидовиќ, пак рече дека пожарот во „Пулс“ бил последица на целокупниот однос на државата кон редот, законот или со еден збор системот, посочувајќи дека надзорот и контролата на малолетниците не е обврска на обезбедувањето и не е кривично дело.
Според адвокатката на обвинетиот обезбедувач Мартин Ѓорѓиев, Елизабета Панева, нејзиниот клиент не постапил спротивно на одредбите на Законот за обезбедување, затоа што на кобната вечер неговата работна задача била да става печат на влезница, а не да врши проверка на идентитетот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Љупчо Папазов не е инспектор, кажа адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани
Нема ниту еден факт против Николчо Илијев, кажа адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани
Ратко Димитровски тврди дека тој бил единствениот што барал „Пулс“ да не добие лиценца за работа
Фото: Игор Бансколиев














