Ќе се депортираат ли од Британија одбиени азиланти во Македонија?

Депортирањето од Велика Британија на одбиени азиланти во Македонија, повторно е топ тема, откако британски медиуми објавија дека двете земји кои пред неколку месеци потпишаа Договор за стратешко партнерство, преговараат за тоа од есенва.

Според пишувањето на таблоидот „Дејли мејл“, кој се повикува на информации од британскиот „Тајмс“, Велика Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го преземе, а би обезбедила и инвестиции во земјава и помош во борбата против руско влијание.

Мигрантите што би пристигнале во Македонија, според пишувањето на „Дејли мејл“, би имале право да бараат азил во земјава или да побараат работни визи за секторите каде што има недостиг на работна сила, а тие не би биле задржувани со сила и би можеле да си заминат од земјава кога сакаат.

Истите информации ги пренесува и британскиот весник „Сан“.

Откако информациите на британските медиуми беа објавени и во македонските, на социјалната мрежа Х се огласи британската Амбасада во Македонија, а во твитот не се споменуваат и коментираат пишувањата на британските медиуми.

Од таму велат дека двете земји соработуваат во борбата против “нерегуларната миграција“.

Исто така од Амбасадата велат дека „по клучниот состанок меѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај“, Британија и Македонија воспоставиле „стратешко партнерство што се фокусира на градење долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка со цел да се продлабочи соработката и да се засили стабилноста и просперитетот на двете земји“.

„Дополнително, двете држави соработуваат преку Заедничката единица за миграција, во борбата против нерегуларната миграција и организираниот миграциски криминал, засилувајќи ја безбедноста и преземајќи мерки против криминалните мрежи“, велат од Амбасадата меѓу друго.

Кога во мај беше потпишан Договорот помеѓу двете земји, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли информациите дека во Македонија ќе има кампови за мигранти, како резултат на овој договор, а истото го направи и британскиот амбасадор во Македонија, Метју Лосон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести