Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд лани, утврди Ревизија

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за економија и труд за 2024 година.

-Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености кои влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет 637 и мислење без резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеност на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива на сметката на основен буџет 631, велат од Ревизија.

Од извршениот увид во документацијата, утврдено е несоодветно постапување на Одделението за прекршочна, судска и управна постапка и Прекршочната комисија по однос на барањата за поведување прекршочни постапки согласно посебните закони како и предметите кои се започнати, а не се довршени од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), кое има за ефект не уплатени средства во Буџетот на државата од 2.078.000 евра, посочуваат од таму.

-Иако Прекршочната комисија е формирана во 2019 година, постапувањето по предметите започнува дури во 2022 година со формирање на нова комисија.

Доставувањето на целосно подготвена документација од Одделението до Комисијата се врши по изминување на временски период од неколку години, додека изготвувањето на актите кои произлегуваат од Записниците на прекршочната комисија е по изминување на период од два до седум месеци.

Од друга страна Одделението не изготвува месечни, полугодишни и годишни извештаи за своето работење, што не е во согласност со работните задачи и обврските дефинирани со Правилникот за систематизација.

До ноември 2024 година, поради настаната застареност на Барањата за поведување на прекршочна постапка, Комисијата донела 1.534 Решенија за запирање на прекршочни постапки, што довело до помалку наплатени приходи во Буџетот на државата во износ од 127.721 илјади денари, односно 2.078.000 евра.

Дополнително, заклучно со мај 2025 година, од Државен пазарен инспекторат до Министерство за економија и труд се доставени 398 предмети за постапување, од кои 164 се од 2023 година, 152 од 2024 година и 82 од 2025 година, велат од таму.

Ревизија исто така истакнува дека во септември 2024 година врз софтверот за прекршочни предмети е извршен неовластен таргетиран напад, што резултирало со целосно губење и неповратност на податоците.

-За потребите од оградување на парцелите наменети за изградба на фотонапонски електроцентрали, Министерството за економија реализирало две фази на набавка.

Првата фаза, со договорна вредност од 9.750 илјади денари или 158.536 евра, е завршена согласно проектот и одобрението за градење.

За втората фаза, содоговорна вредност од 25.871 илјади денари или 420.667 евра, предметот на набавката до моментот на ревизијата не е реализиран, не е предвидена банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот, ниту е склучен анекс за продолжување на рокот, а не се преземени и правни мерки за наплата на договорни казни, со што не се постигнати целите на договорот.

Поради измените во Закон за организација и работа на органите на државната управа, документите за инвестициите се предадени на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, но до моментот на ревизијата не е донесена одлука за престанок и трајно користење, поради што средствата се уште се водат во сметководствената евиденција на Министерството за економија и труд.

Во текот на ревизијата, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини поднесе барање до Државното правобранителство за поведување тужба против економскиот оператор, велат од Ревизија.

Во однос на ИТ секторот утврдено е дека истиот функционира само со 3 вработени од 12 предвидени работни места (25% капацитет), при што не се донесени политики и процедури за информациска безбедност, нема назначено лице за информациска безбедност, ниту е изработена анализа на ИТ ризици.

-Иако е склучен договор за бекап-софтвер, не е дефинирано континуирано следење и доказ за исправност на резервните копии, а дополнителен ризик е и користењето на застарени оперативни системи без пропишани мерки за заштита.

Не преземените мерки за обезбедување на информациска безбедност, довеле до тоа да Министерството за економија и труд биде предмет на таргетиран ИТ напад во септември 2024 година, што предизвикало недостапност на сите сервиси како што се меил адресите, веб серверот и дата базите.

И покрај тоа што системите биле обновени по 37 дена преку резервни копии, дел од податоците, вклучувајќи ја и електронската евиденција на предмети од Правниот сектор, се неповратно изгубени, велат од таму.

При анализата на законската рамка со која се регулира вршењето на угостителската дејност, утврдено е дека постојат недостатоци во процесот на издавање на лиценци и категоризација на угостителските објекти, посочуваат од Ревизија.

-Законот не предвидува задолжителна проверка на исполнувањето на минимално-техничките, санитарноздравствените, противпожарните и еколошките услови пред издавањето на решенијата за категоризација и лиценците за работа на угостителските објекти, ниту механизам за проверка на отпочнување со работа.

Исто така, не е дефиниран рок за примена на правен лек против решението со кое се одбива барањето за издавање на лиценца или се одзема лиценцата за вршење на угостителската дејност во ноќен бар, кабаре, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор и за истите не се предвидува задолжителен регистар за издадени лиценци за вршење на угостителска дејност.

Категоризацијата на угостителските објекти, како и обновата на важноста на решенијата за категоризација и лиценците се врши по поднесено барање, без задолжително меѓу институционално информирање и постапување, што создава ризик од работење без исполнети услови или без важечки документи, велат од таму.

Ревизијата истакнува дека и покрај законски дефинираната обврска за вршење на надзор од страна на Државниот пазарен инспекторат и другите инспекциски органи, постојат законски неусогласености во постапките за спроведување на инспекциски надзор и примена на инспекциските мерки, со што може да се доведе во прашање постигнувањето на целите на инспекцискиот надзор.

-Министерството за економија во 2024 година издалo 2 лиценци за диско клуб, 4 за диско клуб на отворен простор, 16 за кабаре, 31 решение за категоризација на ресторани и 42 решенија за категоризација на угостителски објекти за сместување.

Во 2025 година, одземени се 2 лиценци за диско клуб, 1 за диско клуб на отворен простор и 8 за кабаре.

Поради тековна истражна постапка, документацијата за издавање на лиценци за вршење на угостителската дејност во ноќен бар, кабаре, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор не беше достапна за ревизија.

Ревизијата утврди дека во 2024 година комисијата за категоризација на угостителските објекти за сместување како и угостителски објекти за исхрана, составена од 13 членови од осум институции, не ги почитувала законските рокови за подготовка на извештаите, а угостителите уплатите за услугата ги извршувале по завршена категоризација, наместо при поднесување на барањето.

Од предвидените 60 редовни надзори, реализирани се само 40, додека вонредни надзори воопшто не биле извршени, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести