Почина професорот Кирил Темков, еден од најзначајните македонски филозофи и етичари

Почина проф. д-р Кирил Темков, универзитетски професор во пензија и еден од најзначајните македонски филозофи и етичари, информираат од Филозофски факултет. Целата своја академска кариера ја посвети на Философски факултет при УКИМ во Скопје.

Роден е во Кавадарци во 1943 година, во занаетчиско семејство. Образованието го стекнува во Белград и Скопје, каде што дипломирал филозофија во 1968 година, а докторирал во 1982 година на Универзитетот во Скопје. Беше ученик и асистент на Павао Вук-Павловиќ, а постдокторските студии ги реализираше кај Александар Грличков во Белград во периодот од 1983 до 1987 година.

Во својата богата академска кариера беше асистент, предавач, вонреден и редовен професор по Етика, Естетика, Филозофија на политиката, Филозофија на менаџерството, Еколошка етика, Биоетика, Педагошка и Менаџерска етика, како и Филозофија на образованието на Институтот за филозофија при Философскиот факултет во Скопје.

Заедно со својот колега Георги Старделов беше основач на Естетичката лабораторија при Философскиот факултет.

Проф. Темков е автор на бројни научни и публицистички трудови од областа на филозофијата, етиката, естетиката и културологијата, со особен интерес за уметничката фотографија, ликовната и драмската уметност, како и џезот. Автор е на повеќе значајни книги, меѓу кои: „Основите на еден нов Универзитет“, „Панорама на естетичките идеи од втората половина на 20-тиот век“, „Отворен Универзитет“, „Етика“, „Етика за младите“, „Етички речник за младите“, „Етиката денес“, „Историја на џезот“ и „Џез – естетика и антропологија“.

Особено значаен е неговиот придонес во воведувањето на етиката во сите степени на образованието. Во таа насока ги создаде делата „Етика за децата“, „Етика за гимназиско образование“, „Филозофија за средно образование“, како и програмата „Етика и љубовта“ наменета за најмладите.

Темков остави длабока трага и како преведувач, преведувајќи капитални дела од Вилијам Џејмс, Имануел Кант, Рене Декарт, Џон Стјуарт Мил, Фридрих Ниче, како и дела од истакнати балкански философи.

За својот придонес беше добитник на повеќе признанија, меѓу кои Наградата на Град Кавадарци, орденот „Академски палми“ на Република Франција и Меѓународната награда „Гоцева мисла“.

Погребот на проф. д-р Кирил Темков ќе се одржи утре, во недела, 28 декември.

Фото/Принтскрин-видео

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести