Бугарија од денеска го воведе еврото – предвиден е преоден период за плаќања во левови и за цените

Бугарија од денеска го воведува еврото, но ќе следи преоден период за левовите. До 31. јануари ќе може да се плаќа со левови, 96 отсто од банкоматите ќе издаваат само евробанкноти, а преостанатите ќе го направат тоа во рок од две недели.

Преодниот период за цените ќе трае до 8. август годинава, за да се надмине загриженоста на потрошувачите од можно неоправдано зголемување на цените за време на периодот на замена на левовите со евра.

Европската комисија оцени дека приклучувањето на Бугарија кон Еврозоната, претставува едно од најголемите достигнувања на Европската Унија.

„Еврото ќе донесе практични придобивки за бугарските граѓани и бизниси. Ќе го олесни патувањето и живеењето во странство, ќе ја зголеми транспарентноста и конкурентноста на пазарите и ќе ја олесни трговијата. Банкнотите и монетите во евра за сите Бугари ќе станат опиплив симбол на слободата, удобноста и можностите што ЕУ им ги овозможува на своите граѓани,“ порачаа од Европската комисија.

Советот на Европската унија ја донесе одлуката за приклучување на Бугарија кон Еврозоната, на 8. јули лани.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести