35 години „Матица македонска“ – првата издавачка куќа во самостојна Македонија

Значаен јубилеј за македонската книжевност, култура и држава. Триесет и пет години од формирањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија – „Матица македонска“.

Воден од мислата дека книгата не е само предмет, туку е чувар на душата на еден народ, во деновите пред прогласувањето на македонската самостојност, во време на големи општествени промени, македонскиот поет, есеист, антологичар и критичар Раде Силјан почна со остварувањето на мисијата за издавачка куќа што ќе објави книга за секој македонски дом. Со јасна цел да се создаде книжевно јадро – „Матица македонска“, кое ќе стане средиште за македонските писатели и мост преку кој светските книжевни ремек-дела ќе проговорат на македонски јазик.

– Кога Раде Силјан ја формираше „Матица македонска“, очигледно беше дека тоа е направено по углед на „Матица хрватска“, и тоа е надоместување на она што во XIX век се викаше „Матица илирска“ кај Хрватите и беше столб на нивното романтичарско движење и на илиризмот.

Силјан бил свесен дека ние во XIX век сме немале „Матица македонска“ како што Хрватите ја имале „Матица илирска“, па во XX век ни го даде тоа задоволство да имаме „Матица македонска“ како што во Хрватска има „Матица хрватска“.

Двете „матици“ се две сестри, два столба на две сродни култури – таму се објавуваат најважните нешта. И ден-денес, Раде Силјан има строг критериум за објавување во „Матица македонска“, и така треба и да остане – како што е строг критериумот и во „Матица хрватска“…. Ете, колку е важна културната мисија на Раде Силјан и колку е важно што ја имаме „Матица македонска“, со строг критериум…, неодамна истакна универзитетскиот професор и писател Венко Андоновски.

Три и пол децении истрајност – и покрај сите предизвици, и во времиња на удари, „Матица македонска“ непоколебливо опстана со определбата и остварувањето на целта да ги афирмира македонските книжевни и културни вредности – да ја испишува македонската книжевна историја и да ги поставува темелите за развојот на македонската реч во времето што доаѓа. И во време на удари, со капитални дела да биде на браникот на македонскиот идентитет, притоа вложувајќи и во иднината на генерациите што доаѓаат.

Едновремено, од година во година, сѐ повеќе успеваше и успева, највредното од светската книжевност да го донесе во Македонија, со квалитетен превод на македонски јазик.

„Матица македонска“ до сега има објавено над три илјади наслови од сите сфери на општественото живеење, со над шест милиони примероци. Меѓу многубројните дела од капитално значење за македонската култура, уметност и историја се издвојуваат делата за македонските манастири, македонските народни носии, македонската резба, народната митологија на Македонците, македонската генеза, монографските изданија за македонските градови, клучните дела за историјата на македонскиот народ и на македонската книжевност и култура, делата за македонската археологија, избраните дела од Марко Цепенков, Кирил Пенушлиски, Јован Павловски, Петар Т. Бошковски, Јован Стрезовски, Димитар Ќорнаков, Танас Вражиновски, Гане Тодоровски, Блаже Ристовски, Милан Ѓурчинов, Цветан Грозданов, Матеја Матевски, Никола Кљусев, Ташко Георгиевски, Божин Павловски, Ефтим Клетников, Радован Павловски, Иван Чаповски, Паскал Гилевски и др.

Од самото формирање до денес, „Матица македонска“ непрекинато се залага, книгите на македонски јазик, покрај во Македонија, преку соработката со странски издавачи и други институции да се достапни и во книжарниците и библиотеките во Европа, САД и Австралија.

Низ годините, „Матица македонска“ стана дом на великани како: Блаже Конески, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Ташко Георгиевски, Божин Павловски, Паскал Гилевски, Владимир Костов, Миодраг Друговац, Блаже Миневски, Ефтим Клетников, Велко Неделковски, Веле Смилевски, Драги Михајловски, Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски, Стојко Стојков, Витомир Митевски, Стефан Влахов Мицов, Стојан Тарапуза, Кристина Николовска и многу други.

„Матица македонска“, големиот јубилеј ќе го чествува целава година, почнувајќи уште следната недела, кога на 5 февруари ќе почне годинешното издание на зимскиот саем на книгата „Книга во секој дом“ – акцијата со најдолга традиција меѓу настаните на македонските издавачи. Традицијата на „Книга во секој дом“ се темели на големиот интерес на читателите, при што клубот „Матица“ брои над 50.000 читатели.

Во текот на годинешното издание на „Книга во секој дом“ се очекува јубилеен попуст од 35% па сѐ до 80% на изданијата на „Матица македонска“, како во книжарницата, така и онлајн – и тоа и за македонската, и за преводната книжевност. Најголемо внимание ќе биде посветено на македонските автори, заради заложбата на „Матица македонска“ безрезерно да се вложува во афирмацијата и развојот на македонската книжевност и во критериумите и бројноста на македонската читателска публика. 

Јубилејот, „Матица македонска“ ќе го одбележи и со стотици нови изданија. Меѓу другото, по повод 35 години од постоењето, почнува и нови едиции во коишто ќе бидат објавени клучни прозни и поетски книги за македонскиот книжевен развој, а од автори што со своите книжевни дела имаат остварено придонес во досегашниот развоен пат на „Матица“. Првото објавено дело од овие едиции е „Ѓон“ од Драги Михајловски, а ќе се стори сѐ сите дела од едициите да бидат што подостапни за вљубениците во убавиот македонски збор.

И оваа година, „Матица македонска“ продолжува и со објавување на избраните дела од Блаже Миневски, и со нови дела од редица македонски автори.

За читателите што се интересираат за македонската историја, годинава ќе објави и втор дел од книгата „Табу – време на страв и страдање“ од Стојко Стојков, за прогонувањето на Македонците во Бугарија, а за читателите уште се достапни и „Македонија не е Грција“ од Ердоѓан Ознал и изданието на „Абецедарот“ што во 2025. беше објавено по повод еден век од првообјавата.

Годинава, „Матица македонска“ ќе објави и ексклузивни книги важни за Македонија од акад. Витомир Митевски, Виолета Ачкоска, Иван Антоновски, Весна Мојсова-Чепишевска и десетици други автори, а посебно внимание и натаму ќе посвети на македонската проза и поезија.

Продолжува и со авторите од преводната литература за коишто има постојан интерес од читателите – од античката литература, преку Чехов до дела од форматот на прозните остварувања на Лусинда Рајли, чијшто роман „Последната љубовна песна“ беше објавен неодамна, романите за Себастијан Бергман, новите дела на Зорана Шулц

Посебно внимание ќе биде посветено и на тинејџерите и децата, со вредни дела соодветни за нивната возраст.

Од „Матица македонска“ се најавуваат уште голем број изданија и акции. Традицијата продолжува!

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести