Кај двајца професионални војници кои се на обука во касарната во Велес, дијагностицирана шуга

Кај двајца припадници на професионалните војници кои се на обука во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес е дијагностицирана кожната болест „scabies“ (шуга), информираа од Генералштабот на Армијата.

Како превентивна мерка, сите новопримени професионални војници кои се обучуваат во Командата за обука и доктрини се пуштени дома, а освен двајцата кај кои е дијагностицирана шуга, останатите војници во понеделник треба да се вратат во касарната во Велес.

Во соработка со Воено-медицинскиот центар се преземени сите потребни мерки за спречување на евентуално ширење на заболувањето, како и дека е спроведен епидемиолошки надзор и се постапува согласно препораките на стручните лица.

„Армијата континуирано презема соодветни превентивни и противепидемиски мерки за заштита на здравјето на персоналот. Дополнително, ве информираме дека сместувањето на војниците е регулирано согласно Правилото за сместување и ред во Армијата. Пред почетокот на обуката се обезбедени соодветни услови за сместување, престој и за работа, во согласност со армиските стандарди. Пред сместувањето на персоналот е извршена комплетна дезинфекција на просториите, а на користење се дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња“, се наведува во соопштението.

Од Армијата појаснуваат дека капењето на војниците е организирано и се спроведува плански и во соодветни услови.

„Во изминатиот период во Армијата беа реализирани повеќе активности со значителен број ангажирани припадници. Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес беше реализиран прием и сместување на повеќе класи на новопримени професионални војници, со бројка поголема од 300 лица, како и најголемата ситуациска вежба SEVEN STARS2025”, со учество на над 150 национални и странски претставници. На ниво на Армијата, беше реализирана и вежбата „Immediate Response 25“ на армискиот полигон Криволак, каде во теренски услови беа сместени над 2.200 припадници од Армијата и странски вооружени сили“, се додава во соопштението.

Од Армијата потенцираат дека во ниту еден од наведените случаи и покрај големиот број на ангажирани лица, не била евидентирана појава на ваков тип на заболување.

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести