Д-р Жан Митрев дава силна поддршка: Клиниката подготвена за комплексни трансплантациски операции

Д-р Жан Митрев ја дава својата целосна поддршка за иницијативата за заживување на трансплантацијата во Македонија, истакнувајќи дека ова е заложба која ја поддржува уште од самиот почеток на својата професионална работа, веќе повеќе од 26 години, информираат од Клиниката.

На јавната панел-дискусија „Органодарителство во Македонија“, која се одржа во Битола, д-р Митрев нагласи дека целта мора да биде трансплантацијата да стане рутинска и секојдневна пракса во земјава, заложба што, како што посочи, ја носи со себе повеќе од 26 години.

Според него, темата не е само медицинска, туку длабоко човечка: зад секој пациент што чека орган има семејство што живее во неизвесност, денови што се бројат со надеж и страв, и едно единствено прашање, дали ќе стигне шансата навреме. 

„Токму затоа органодарителството е чин на највисока солидарност и одлука што не спасува „еден живот“, туку може да врати иднина на повеќе луѓе одеднаш. Во таа насока, бројот на пациенти на кои може да им се помогне е голем, а кардиоваскуларната патологија е меѓу водечките области, и од аспект на можност за донори и од аспект на потребата за организиран, мултидисциплинарен пристап.

Истовремено, нагласи дека тимот на Клиника Жан Митрев е целосно подготвен за вакви операции, но дека за успех е неопходна тесна соработка и заедничко делување на институциите и струката, бидејќи се работи за комплексни пациенти кои бараат покривање од повеќе медицински дисциплини – поради што, како што истакна, ова е добра иницијатива што тој максимално ја поддржува“, истакна д-р Митрев.

Панел-дискусијата „Органодарителство во Македонија“ беше посветена на надежта, солидарноста и човечноста и отвори суштински теми поврзани со органодарителството, законот и правата, медицинските факти и дилеми, животните приказни на пациенти кои чекаат орган, како и искуствата на оние кои го дочекале повикот за трансплантација. Во рамки на настанот се отвори и прашањето за верата и органодарителството преку ставовите на верските заедници. 

Со учество на врвни лекари, трансплантациски експерти и координатори, како и трансплантирани пациенти и претставници од верските заедници, настанот испрати силна порака дека органодарителството е чин кој спасува животи и дека се потребни знаење, доверба и системска поддршка за трансплантацијата да стане реална и достапна можност за пациентите во Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести