За првпат, Маршот на ангелите денеска се одржа во Штип.
Наталија Таневска мајка на починатиот Дамјан Таневски од Штип, рече дека ова не е само марш на тага и барање правда, туку и марш на љубов, достоинство и непокорна истрајност.
„Чекориме затоа што не прифаќаме молк. Чекориме затоа што нашите деца заслужуваат вистинска правда. Чекориме затоа што вистината мора да излезе на виделина и одговорност мора да има, ќе продолжиме да чекориме сè додека правдата не стигне, сè додека вистината не биде кажана и сè додека нашите ангели не го добијат мирот што го заслужуваат,“ рече Таневска.
Учесниците на Маршот поминаа пред зградата на Основниот и Апелацискиот суд и на Јавното обвинителство во Штип, а пред зградата на Секторот за внатрешни работи, се обрати Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.
„Денес стоиме пред МВР Штип за да го поставиме прашањето за кое сите долго време чекаме одговор: Кој кого штитеше и зошто не се постапуваше навреме? Според обвинителниот акт, Планот за акциска контрола за „Пулс“ не бил потпишан и одобрен навремено, а не биле преземени мерки што можеле да спречат трагедија.
Денес јавно прашуваме: Зошто се одолговлекувало? Кој дозволил да се чека? Кој премолчел? Кој не постапил? Требаше ли ова да заврши со 63 човечки жртви и стотици повредени за институциите конечно да се разбудат? Требаше ли да изгубиме 63 деца, браќа, сестри, сопрузи, родители и пријатели за некој да сфати дека пропустите убиваат? Многу работи допрва ќе излезат на виделина, но за жал – предоцна,“ рече Наунов.
Во пожарот во „Пулс“ загинаа штипјаните Филип Стевановски, Александар Коларов, Дамјан Таневски, Александар Ефремов и Филип Ивановски.
Фото: Игор Бансколиев













